Од утре олабавување на мерките: Ќе се отворат моловите, но без угостителските објекти, обложувалниците, авто-школите…

Премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција изјави дека засега не се планира укинување на полицискиот час, но Комисијата за заразни болести полека ги олабавува рестриктивните мерки.

„Продолжуваме да работиме посветено во интерес на граѓаните и  јавното здравје како врвен приоритет, па врз основа на тоа донесени се денешните одлуки“ – изјави Спасовски.

Премиерот Спасовски најави пакет за олеснување на рестриктивните мерки во поединечни области бидејќи Светската здравствена организација изјави дека во следниов период ќе се намали интензитетот на вирусот.

„Одиме многу внимателно и постепено ќе се намалуваат рестрикциите во новата реалност. Меѓу секоја фаза ќе следи проценка на целата ситуација и одново одлука за тоа дали треба да се намалат мерките во следната фаза, во координација со Комисијата за заразни болести и ситуацијата со Ковид-19 во државава“ – изјави Спасовски. 

Клучно нешто за намалување на мерките ќе бидат бројот на новозаразени, капацитетот на здравствениот систем и системот за следење на работата на здравството. Намалувањето на рестриктивните мерки ќе се одвива во три фази. 

„Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во услови на пандемија и ограничувањето на движење на граѓаните“ – изјави Спасовски, додавајќи дека втората фаза е меѓу фаза која ќе биде иницијална за третата, која пак, би значела враќање на животот во нормала. 

Од утре ќе се применуваат нови правила за работа на дејности кои имаат помал ризик, односно центри за рехабилитација во Скопје, центри за обуки, авто-школи, автоиспитни центри, спортски тренинзи на отворено, шалтерско работење на обложувалниците и шопинг моловите без угостителски објекти. Ќе бидат пропишани посебни протоколи за работа. 

„Од утре ќе започнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа, за дејности за кои има помал ризик. И тоа, Завод за рехабилитација на слух, говор и глас-Скопје, центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции, авто-школи, автоиспитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови и тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер, затворени трговски центри и молови без угостителските објекти во нив.

За да се постигне максимална заштита, ќе се применуваат посебни протоколи за работа на секоја од овие дејности. На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување на состаноци, седници, обуки, семинари, конференции и настани ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу шест часа, со задолжителна пауза, на секои два часа.

Пред почетокот на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми како температура, кашлица, отежнато дишење, им се препорачува да не присуствуваат на настанот. Настаните ќе се организираат со ограничен број на присутни, со цел да има физичко растојание од 1,5 до 2 метри, како и со задолжително носење на заштитна опрема. Просторијата ќе мора задолжително да се проветрува, а по завршување на настанот таа да се исчисти и дезинфицира со средство кое делува на вируси. Максимум до 30 лица може да присуствуваат на конференции на органи на управување“ – изјави Спасовски.

Translate »