ГЕРМАНСКИ НАУЧНИК ИМА ПОИНАКВО МИСЛЕЊЕ: КАРАНТИНОТ БЕШЕ ГОЛЕМА ГРЕШКА, А ЕВЕ КАКО ТОА ГО ОБЈАСНУВА (ВИДЕО)
„Владите на државите ширум светот со исклучок на Шведска и уште неколку земји, катастрофално погрешија во одговорот на коронавирусот“, тврди германскиот биостатистичар Кнут Витковски.
Докторот тврди дека мерките на дистанцирање односно карантинот биле не само бескорисни туку и исклучително штетни и дека „сега можеме повторно да ги отвориме (земјите погодени од пандемијата) и да ја заборавиме целата работа“.
Сепак не се согласни сите со неговиот став, па Јутјуб го отстрани неговото интервју во кое тој го објавува својот поглед на коронавирусот.
„Со сите респираторни болести, единствена работа која ја запира заразата е имунитетот на стадото. Околу 80 отсто луѓе треба да имаат контакт со вирусот, а повеќето од нив нема да сфатат дека биле заразени“, изјави германскиот научник.
Американскиот Њујорк пост објави дека ЈуТјуб го отстранил видеото со Витковски, кое досега собра повеќе од 1,3 милиони прегледи. Сепак, уште едно видео е сè уште достапно.
Инаку, Витковски поседува магистерски студии по статистика и докторат по компјутерски науки и медицинска биометрија, а 20 години беше на чело на Центарот за клинички и преведувачки науки на универзитетот Рокфелер, престижен приватен универзитет фокусиран на биологијата и медицината.
Сепак, и таа институција се дистанцираше и од него.
„Мислењата изразени од Кнут Витковски, во кои тој препорачува забрзан развој на имунитет на стадото кон новиот коронавирус наместо социјално дистанцирање, не ги претставуваат ставовите на универзитетот Рокфелер, неговото управување или професорите“, се вели во соопштението.
Витковски, исто така, понуди прилично интересно образложение зошто биле непотребни интервенции како што се дистанцирање и затворање на бројни објекти.
„Кога започна целата работа, тие ни дадоа една причина да се затвориме, а тоа беше да ги спречиме болниците да бидат преполни. Нема индикации дека болниците некогаш би можеле да станат пренатрупани, што и да сторија. Така да можеме се повторно да отвориме и да заборавиме на сè “, утврди тој.
Како што вели „рамнењето на кривата“ на епидемијата со цел да се спречи колапсот на болничкиот систем е непотребно, затоа што повеќето од заразените не би завршиле ниту во болницата, вклучително и деца и млади.
„Германија имаше 8.000 смртни случаи кај население од 85 милиони. Тие имаа од 20 до 30.000 хоспитализации. Во Германија тоа не е ништо. Тоа дури и не се појавува како блиц во болничката статистика. Њујорк е епицентарот на епидемијата во САД, па дури и овде во епицентарот, искористеноста на болницата порасна само малку. Ништо драматично. Ништо вонредно. Тоа се случува за време на сезоната на грип. Луѓето имаат грип, а потоа имаме повеќе пациенти во болниците отколку што би имало вообичаено“, оценува Витковски.
Сепак, неговиот заклучок игнорира клучен фактор – намалување на дневниот број заразени, хоспитализирани и мртви благодарение на самиот карантин. Со други зборови, имаме парадокс во кој карантинот се опишува како бескорисен заради помал број хоспитализации што е директна последица на карантинот.
Витковски затоа смета дека Шведска „ја направила вистинската работа“, само што „заборавила да ги затвори старечките домови“, но потенцира дека и самата ја признала и ја поправила таа грешка.
Неговата најконтроверзна проценка е дека прогнозата за вториот бран на пандемијата е „измислица“ и дека дистанцирањето воопшто не е потребно, со што многу виролози ширум светот не се согласуваат. Како што пренесува Index.hr, многу е потешко да се објасни зошто реномиран научник како Витковски шири дезинформации за коронавирусот.