Казна од 10.000 евра за поранешната директорка на кожната клиника поради пренесување заразана болест
Казна во висина од 10.000 евара изрече Кривичниот суд за поранешната директорка на кожната клиника во Скопје, Нина Цаца Биљановска, поради пренесување на заразна болест, откако судот го прифати барањето на Основното јавно обвинителство.
Скопското обвинителство ја потврди информацијата дека докторката е казнета бидејќи по враќање од скијање во Италија во периодот кога во северниот дел од оваа земја веќе се разгоре епидемијата на коронавирусот, наместо да оди во самоизолација таа одеше на работа и на семинари. по што целата кожна клиника беше оневозможена да работи. Ова е првостепена пресуда и Биљановска може да ја обжали.
Скопското јавно обвинителство на крајот на мај поднесе до судот предлог директорката на дерматологија Нина Цаца Билјановска да биде казнета со 10.000 евра, обвинета за пренесување заразна болест.
Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност.
Обвинетата на 29-ти февруари се вратила во државава од Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на владата согласно кои сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од ковид-19, особено од Италија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава.
Но, поранешната директорка на Кожната клиника, иако како здравствено лице била свесна за ризикот, продолжила да оди на работа, а на 7 март била на симпозиум каде што одржала и предавање, со што ги довела во опасност сите учесници, предавачи, организатори и вработените на Клиниката. Таа вирусот им го пренела на седум свои колеги пред самата да биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести со позитивен наод за ковид-19.