ПАНОВСКИ: КОГА БРОЈКАТА НА ЗАРАЗЕНИ ПОЧНА ДА РАСТЕ ВО ОДРЕДЕНИ ОПШТИНИ, ТРЕБАШЕ ВЕДНАШ ДА СЕ СТАВАТ ПОД КАРАНТИН
Вечерва во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа гостуваше д-р Никола Пановски, микробиолог кој што посочи дека кога бројката на заразени започна да расте во одредени општини власта требаше веднаш да ги стави тие оптшини под карантин за да не се рашири заразата.
„На денот на прес конференција кога се кажа дека одеднаш ќе се разлабават мерките имаше 16 позитивни, а утредента имаше 50 и нешто. И сите денови имаше по 50 и нешто, а претходните имаше помеѓу 30-40. Додека негде на 1-ви мај го имаше најмалиот број. Се гледаше дека некаде од 5-ти мај континуирано растеше бројката на новозаболени, и се знаеше на што се должи. И точно тие бројки беа локализирани, Сарај, Чаир и Бутел, тие беа главни и имаше еден мал кластер во Аеродром и толку. Три активни случаи имаше во Кисела Вода, а помалку од 10 имаше во Карпош и Центар. За да не се прошират тие, требаше во тие општини да се преземат мерки што не се презеле за време на полицискиот час кога луѓето си оделе на гости“, појасни Пановски.
Пановски додаде дека како резултат на тоа по него не требало да се укине полицискиот час навечер, требало да трае од 22 часот до 5 часот наутро. И за да се спречи ова ширење требало да има локализиран карантин односно полициски час во местата кои што биле извор на зараза.
„Да ве потсетам дека во вторникот кога имаше 50-тина случаи имаше дури и бесплатен превоз за пензионерите. Замислете на 50-тина нови случаи имате бесплатен превоз, а кога имаше 5 случаи тогаш имаа постарите лица ограничување само два часа да излезат“, потсети Пановски.