Филипче потврди дека има препорака за отворање на аеродромите и границите

Комисијата за заразни болести предлага да се отворат границите без ограничувања, но и да се отворат аеродромите, потврдува и министерот Венко Филипче за Фактор. Владата денеска треба да одржи седница, која е закажана за 15 часот, но засега нема информации дали за ова ќе се дискутира на оваа седница.

Тој вчера кажа дека за тоа дополнително ќе биде разговарано денеска, а одлуката за релаксирањето ја правдаше со тоа што по подолго време е јасно дека вирусот е овде и треба да се навикнеме на новата реалност. 

„Епидемијата е сè уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно нè води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси и сите околу нас“, рече Филипче.

Translate »