Пакомак добитник на една од најзначајната еколошка награда во светот ENERGY GLOBE AWARD
Проектот „Хокус покус, рециклирањето е во фокус“, кој „Пакомак“, заедно со магионичарот Кристијан Шопов го реализира за еко едукација на децата од предучилишна и од училишна возраст е добитник на престижната интернационална награда Energy Globe Award.
Станува збор за најзначајната еколошка награда во светот со која им се оддава интернационално признание на проекти со голем придонес кон заштитата на животната средина во национални рамки.
Во овој проект „Хокус покус, рециклирањето е во фокус“, преку забавна магионичарска претстава и интересни трикови, децата учеа за важноста на селектирањето и за одржувањето чиста животна средина. Претставата во која децата се едуцираа, дека стаклото треба да го фрлат во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот контејнер ја видоа над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и уште 17.000 деца од 45 училишта од 7 градови од Македонија. Проектот го поддржаа Пивара Скопје и Холандската амбасада во Македонија, традиционалните партнери на Пакомак кога станува збор за екологија.
За Energy Globe Award оваа година конкурираа над 2500 различни еко проекти од над 180 земји, што ја потврдува важноста на оваа награда на светко ниво. Наградата се доделува на национално ниво според утврдени критериуми, оценувајќи го долгорочниот ефект на секој проект врз заштитата на животната средина.
„Проектот предизвика голем интерес меѓу децата и наставниците во земјава што особено не радува. Горди сме што Energy Globe Award ја препозна вредноста на овој едукативен еко проект, како и јасната еко-визија на Пакомак. Децата се нашата иднина, на нив светот останува и затоа е многу важно тие да селектираат, да користат рециклирани производи, да придонесуваа кон почист свет и да имаат високоразвиена еколошка свест. Нашата еко мисија ќе продолжи и во иднина“ – изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Пакомак е непрофитабилна компанија која има за цел да остави печат на позитивни и социјално одговорни промени во општеството. Општествената одговорност за Пакомак е бизнис-императив и како успешна и современа компанија има влијание врз своите партнери, околината и врз целото општество. Пакомак на општествената одговорност гледа како на стратешка цел на долг рок, која има за крајна цел подобрување на целокупниот квалитет на живот.