Причината за колосалната експлозија во Бејрут: Што е амониум нитрат и за што се користи?
Амониум нитратот е главната причина за огромната експлозија која разурна дел од либанската престолнина Бејрут.
Амониум нитрат, супстанца за која либанските власти објавија дека е причината за експлозијата во Бејрут е во облик на кристал, без мирис и обично се користи како ѓубриво, а со децении е причина за индустриски експлозии.
Најпознати се експлозиите во Тексас во 2013-та година кога загинаа 15 лица, како и експлозијата во хемиската фабрика во француски Тулуз во 2001-ва година кога загинаа 31 лице.
Во комбинација со запаливи супстанци, амониум нитратот создава силен експлозив кој во голема мера се употребува во градежната индустрија, но го користат и терористички групи. Амониум нитратот беше и составен дел од бомбата во нападот во Оклахома во 1995-та година.
Либанскиот премиер Хасан Диаб изјави дека на пристаништето во Бејрут експлодирале 2750 метрички тони амониум нитрат кој со години бил складиран во пристаништето, при што загинаа стотина лица, а либанскиот главен град претрпе огромна материјална штета.
Сепак, во нормални услови на складирање и без голема топлина, тешко е да се запали амониум нитратот, за „АФП“ изјави Џими Оксли, професорка по хемија на Универзитетот Роуд Ајланд.
„Ако ја погледнете снимката од експлозијата можете да видите црн чад, па црвен, тоа е нецелосна реакција. Претпоставувам дека се случила помала експлозија која предизвикала реакција на амониумот нитрат. Дали малата експлозија била случајна или не, тоа не знам“, изјави Оксли.
Тоа е затоа што амониум нитратот е оксидант – го зголемува согорувањето и овозможува другите супстанци лесно да се запалат, а сам по себе не е лесно запалив. Поради тие причини, постојат строги правила каде може да се складира – на пример, мора да се чува подалеку од горива или извор на топлина.
Многу земји во Европската унија бараат во амониум нитратот да се додаде калциум карбонат за да биде побезбеден. Во САД исто така важат построги правила после нападот во Оклахома.
И покрај опасноста, Оксли сепак вели дека има голема потреба од употребата на амониум нитрат во земјоделието и градежната индустрија.
„Не би го имале овој модерен свет без експлозив и не би можеле да го нахраниме населението кое го имаме денес без ѓубриво со амониум нитрат. Потребен ни е, но мораме да внимаваме како постапуваме со него“, изјави професорката Оксли.