Скопјанец во Еуростандард имал заштеда од 7 милиони евра, ќе му се вратат само 30.000
Скопјанец имал заштеда од 7 милиони евра во Еуростандард банка, пишува порталот “24 Инфо”.
Порталот наведува дека човекот со шок ја примил објавата од Народна банка за пропаѓањето на Еуростандард.
Скопјанецот чекал пред седиштето на банката, а од таму не можело да го трне ни обезбедувањето. Човекот сакал да добие одговори за тоа како може да пропадне банката, а со тоа и неговиот влог.
Драмата била уште поголема кога разбрал дека од Фондот за осигурување на депозити ќе добие само 30.000 евра, а за останатата сума може да достави барање да му се исплати од стечајната маса – ако има пари, пишува “24 Инфо“.
Од НБРМ рекле дека немаат информација за највисока штета на поединци во Еуростандард банка. Објасниле дека депозитите на физичките лица се осигурени согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
“Осигурениот износ е до 30.000 евра по физичко лице- депонент. Обесштетувањето на овие лица ќе се врши со исплата на средства од страна на Фондот за осигурување на депозити (ФОД) и ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизните приливи и сертификатите за депозити издадени од „Еуростандард банка“ АД Скопје”, соопштиле од НБРМ.
Што се однесува на плаќањето на рати на лицата кои имаат земено кредити од Еуростандард банка засега ништо не се знае како ќе оди плаќањето.