Опасен експеримент: На Флорида пуштаат 750 милиони генетски модифицирани комарци
Локалните власти го одобрија планот за пуштање на повеќе од 750 милиони генетски модифицирани комарци на Флорида Кис во 2021 и 2022 година, и покрај противењето на локалното население и здруженијата за заштита на животната средина.
Проектот е одобрен од државната Агенција за заштита на животната средина во мај, а целта е да се тестираат видови на генетски модифициран комарец како алтернатива за прскање на големи количини инсектициди, јавува „Си-ен-ен“.
Видот на комарци aedes ae Egypti, кој живее на Флорида, шири неколку смртоносни болести, како што се зика, денга и жолта треска.
Генетски модифицираниот вид на комарец е изменет така што од положените јајца се раѓаат женки кои умираат во фазата на ларва, пред да се изведат и да растат доволно за да започнат да се хранат со крв и да шират болести.
Само женката комарец се храни со крв, која и е потребна за да создаде јајца.
Мажјаците се хранат само со нектар и затоа не пренесуваат болести.