Мицкоски: Не поднесувам оставка, оваа Влада ќе падне на граѓански протести
Организирани и масовни граѓански протести по кои ќе падне Владата, најави денеска на прес конференција Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека оваа Влада нема да го издржи целиот мандат и дека народот жестоко ќе го критикува Зоран Заев. Обвини дека е изведен, како што рече, најнечовечкиот поткуп на избори. Имаше порака и за неговите сопартијци кои се дел од Иницијативата за вонреден конгрес на партијата и негова смена. Рече дека нема да поднесува оставка и дека нема, како што вели, на таков начин да му помогне на Заев.
„Кадрите на новото владејачко мнозинство се транзициски и компромитирани. Настапуваат со истите ветувања коишто не ги исполниле во нивниот претходен мандат. Ова е почеток на крајот на СДСМ. Оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. Ова не е само моја битка, ова е битка на народот против неодговорната и криминална влада“, рече Мицкоски.
Рече дека има таканаречена „хотелска коалиција“.
„Немам намера да си поднесам оставка за да им помогнам на оние кои му служат на Зоран Заев. Ќе се борам против нив. Зборуваат за вонреден конгрес, а до архивата на партијата немаат доставено Иницијатива за тоа. Затоа со сите кои оние кои прават криминал, а одработуваат оти потклекнале и станале најдобри другари со Заев нема да правам компромиси. Не правам компромиси со криминал и нема да им премолчиме. Се дури сум жив ќе се борам, рече Мицкоски.
Додаде дека нема да ја бојкотираат работата на Собранието и таму во Парламентот ќе се води битката со Заев и СДСМ.
Денеска има извршен одбор на партијата за сите идни чекори. Мицкоски очекува тешка политичка есен.