Thrivity Кариерен центар – шанса за развој на сите кои се без работа
Првата македонска алатка за пребарување (Search engine) за луѓето кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат, THRIVITY го отвори својот Кариерен центар и започна со првата сесија од бесплатните обуки за лицата кои останаа без работа како последица на пандемијата.
Овој Кариерен центар го става на располагање целото свое искуство и знаење во областа за консалтинг и поддршка на лицата во процесот на
пронаоѓање работа, промена на работното место или за развој на нивната кариера.
Предвидени се три различни модули наменети за: невработени лица кои биле во работен однос и од скоро или долгорочно се невработени, за студенти и средношколци кои размислуваат за почеток на професионална кариера, невработени лица без работно искуство и за лица кои се во работен однос и размислуваат за промена на работното место или развој во кариерата
Првата обука на Thrivity Кариерен центар е пополнета и е насочена кон лицата кои останаа без работа како последица на пандемијата.
„Нашето долго и богато професионално искуство во кое има ситуации кога сме останале без работа или пак сме кроеле планови да смениме работа, не поттикна да подадеме рака, бидејќи некогаш некој нам ни подал и заеднички да се исправиме кон новите можности. Целта на сесиите на Thrivity Кариерниот центар е пред сѐ да ги охрабриме лицата, да го вратиме оптимизмот, и несебично да го споделиме нашето знаење и искуство и за да поттикнеме на развој“ – истакнува Поликарп Арсеновски основач на АПОД.
Обуката е составена од шест сесии, секоја со времетаење од два часа и тоа: самоспознавање, процес на самооценување, работна етика, креирање на личен акциски план за вработување, вмрежување и култура на континуирано учење.
Вака структурирана обука ќе им помогне на невработените лица да се стекнат со основни познавања, преку посебни алатки за самооценување на вашите интереси и компетенции, поттикнување на процесот на поставување на лични цели и креирање на личен план за пронаоѓање работа, промена на работното место и развој на кариерата.
Кариерниот центар своите активности ги реализира низ форма на: структурирани тренинг модули за различни целни групи, а во иднина и преку менторски и coaching сесии, консултации, вмрежување со компаниите кои вработуваат, видливост на пазарот на труд и совети,.
Воедно центарот нуди можност за само-едукација (Self guided Learning), ставајќи ги на располагање сите достапни тренинг модули и алатки на центарот и групни вебинари (Webinar Sessions).
Следната обука на Thrivity Кариерен центар е закажана за крај на септември.