Институциите на нозе – дали проблемот на Атиџе конечно ќе се реши?
Вчера во медиумите одекна веста дека хероината од „Медена земја“, Атиџе Муратова, моли за помош, бидејќи има проблеми со нејзиниот сосед.
Овој нејзин апел ја крена јавноста на нозе, сите бараат одговорност од надлежните институции, кои, како што велеа граѓаните, веројатно заборавиле која беше Атиџе до пред неколку месеци.
Имено, после целата драма во текот на вчерашниот ден, Атиџе информира дека полицијата сепак на крајот дошла кај неа и, како што вели, убаво се однесувала кон неа.
„Малку ми се смири душата откако дојде полицијата иако морам да кажам дека ова не е првпат да се обратам до нив. И досега сум имала проблеми и сум ги викала. Но, тие ќе дојдат ќе поразговараат со него и толку. Можеби не е до нив. До кого е не знам, ама јас навистина се плашам за својот живот и, не знам, ако ништо не се преземе и овој пат како ќе живеам понатаму со страв“, рекла Атиџе за „ММС.мк“.
„Сакам да им се заблагодарам на новинарите, тие вчера многу ми помогнаа“, порачала хероината.
Од МВР, пак, информирале дека соседот на Атиџе е и писмено предупреден и дека се преземаат и други мерки.
„На 11-ти септември околу 12 часот во Полициската станица Свети Николе е добиена телефонска пријава од А.М. (56) од село Бекирлија по што полициските службеници се упатиле на местото. Извршен е разговор со А.М., а потоа и со пријавениот Х.С. Од страна на полициските службеници Х.С. е писмено предупреден, а се преземаат доплнителни мерки. Се разбира, се преземаат мерки против секаков вид на насилство или нарушување на јавниот ред и мир“, велат од МВР.
Инаку, во текот на вчерашниот ден, градоначалникот на Лозово решил да ја земе работата во свои раце, па лично поразговарал со соседот на Атиџе.
Градоначалникот Ацо на својот Фејсбук профил објави дека разговарал со Хусеин и добил ветување дека меѓусоседските односи ќе се подобрат.
„За да помогнам како Градоначалник, денеска лично разговарав со нејзиниот комшија Хусеин со кој имаат нарушени меѓучовечки односи, кој моментално беше во село Дорфулија со кој разговарав да се надмине нивниот проблем кога се заедно во село Бекирлија. Во разговор со Хусеин најдовме заедничко разбирање си подадовме рака дека заедно ќе ја смириме целата ситуација и за време на викендов заедно ќе одиме кај Атиџе во с.Бекирлија да се помират меѓу себе и да испиеме заедно пријателско кафе и да живеат како добри комшии“, напиша Велковски.
Се огласија и од Министерството за труд и социјална политика и истакнаа дека ја следат состојбата.
„Атиџе Муратова е во системот за социјална заштита како корисник на права од Законот за социјална заштита. Во однос на настанот кој е предмет на ваш интерес, тој не е во надлежност на МТСП. Во однос на социјалните права на Атиџе Муратова, Центарот за социјална работа во Свети Николе ја следи состојбата и презема конкретни мерки“, велат од МТСП.