Интегра ќе ја тужи ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски најавува тужба за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи го обвини него и неговата партија дека биле финансирани од друга партија со цел да направат штета во опозицијата и да отцепат гласови.Тој се жали дека и претходно имало „инвазивна специјална војна“ против него и неговата партија, која не престанала да се одвива и после изборите.

Ристовски реагираше откако од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека во нивните редови преминале членови на оваа партија. Според Ристоски, станува збор само за мал број членови, а за потпретседателот на Интегра, Воислав Зафировски, тврдеше дека бил разрешен поради опструкции на изборната кампања и „сексуално вознемирување“ на членови на партијата.

„Воислав Зафировски беше разрешен минатиот месец од сите раководни позиции во партијата, вклучително и таа како претседател на  Републичкиот изборен штаб, а поради сериозни пропусти и смислени опструкции во изборната кампања 2020, потоа и поради длабоко преминат праг на морална грешка, кој вклучуваше покрај прекршувањето на интерната заклетва положена со рака врз Библијата и постоење на елементи на сериозни испади кои слободно можат да се подведат под сексуално вознемирување на истакнати членови на партијата“,изјавил Ристовски за Фокус.

Зафировски пак, на прес-конференцијата со Мицкоски рече дека причина за разрешувањето е негова колумна, во која Ристовски се препознал. Тој го обвини претседателот на Интегра дека партијата ја претворил во секта и дека во изминатиот период одработувала за актулната власт.

Претходно Мицкоски го најави раздоров во Интегра.

„Ќе бидат интегрирани сите оние кои ќе се приклучуваат кон овој опозициски блок, а директно во ВМРО-ДПМНЕ во рамките на општинските, месните комитети, комисиите на партијата, зошто да не централниот комитет, извршниот комитет, конгресот…До овој момент, иницијативниот одбор предводен од групата која држеше прес овде, но и групата недалеку од овде ја следеше таа прес-конференција нема доставено никаква иницијатива до ВМРО-ДПМНЕ“, објави Мицкоски.

„ДПМНЕ во својата немоќ да се поврати од пропаста, прибегнува кон подли методи на клиентелистички поткуп, уцени и закани кон лидерството на Интегра, свесни дека како партија и идеологија го губат тлото под нозете и дека Интегра го презема приматот во опозицијата врз македонските национални интереси“, реагираа од оваа партија.

На парламентарните избори кои се одржаа во јули годинава, ИНТЕГРА освои околу 12.000 гласови, но не успеа да обезбеди ниту еден пратенички мандат. ВМРО-ДПМНЕ остана опозиција со 44 пратеници, два помалку од СДСМ.

Translate »