Катица Јанева го тужи Бојан Јовановски
Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева го тужи Бојан Јовановски за 22 фотографии кои биле пронајдени во неговиот телефон.
Фотографиите Јовановски ги снимил во нејзиниот дом, а според адвокатот на Јанева, висината на казната не толку важна колку што е важно тоа што е направено неовластено снимање кое се користело за свои цели.
„Катица поднесе тужба откако увиде дека во телефонот на Бојан има снимки од нејзиниот приватен живот со кои се нарушува и принципот на заштита на приватност. Превидена е казна од три месеци затвор, но не е тоа поентата. Катица ценеше дека е земен преголем замав, дека се снима неовластено и потоа се користи за свои цели. Станува збор за 22 фотографии кои се наоѓаа во телефонот на Бојан. Не поднесовме за повеќе, иако имаше повеќе фотографии и снимки. Направени се на повеќе места, претежно во домот, но има и во ресторан“, изјави адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, пренесува „ПлусИнфо“.
На денешното рочиште не се појавиле Јанева и Јовановски. Поранешната специјална обвинителка е во притвор во својот дом во Гевгелија, додека Јовановски се опоравува од операција на желудникот.