Еминем со дуксери на кои пишува ,,СЕМОЌНИОТ,, на македонски јазик му се потсмева на Трамп

Раперот Еминем имаше прилично искрен и сочен говор против американскиот претседател Доналд Трамп во своето видео, емитувано на доделувањето на хип-хоп награди, кое се одржа во Мајами. Но еден детаљ во спотот, во кој Еминем рапува опкружен со група рапери од Бафало и од Атланта, предизвика реакции на социјалните мрежи.

Раперите од Бафало, Вестсајд Ган и неговиот брат Конвеј на спотот се појавуваат облечени во дуксери со натпис „семоќниот“ на македонски јазик. Вестсајд Ган, преку неговата компанија „Гризелда рекордс“, продава маици и дуксери со натписот “семоќниот”. Ваквата инспирација веројатно ја добиле од лажните вести, кои проструија низ светот, а беа креирани од група деца од Велес, со што му помогнаа во кампањата на Трамп.

Во дел на спотот на Еминем се гледа како раперите стојат со дуксери испишани на македонски јазик, а компанијата на Еминем, „Шејди рекордс“, објави и фотографија од снимањето на спотот, на која Еминем стои до раперите со натписот „семоќниот“.

– Расизмот е единственото нешто во коешто е фантастичен – рецитира Еминем.

Најпродаваниот рапер во историјата го обвинува Трамп дека е „камиказа што веројатно ќе предизвика нуклеарен холокауст”, како што се вели во четири и полминутниот рап-говор, одржан без музичка позадина. И, сето тоа зачинето со неколку пцовки на негова сметка.

Еминем имаше и посебен услов кон своите следбеници: „Или си мој фан, или си негов поддржувач, тоа е црвената линија”.

Translate »