Картички за невработени, субвенции за фирмите за октомври, ноември и декември: Денеска четвртиот пакет антикризни мерки
Платежни картички за пензионери и невработени ќе бидат дел од новите мерки кој денеска ќе биде усвоен и презентиран. Вкупно 350 милиони евра ќе вреди четвртиот пакет економски мерки со кој Владата ќе се обиде да им помогне на фирмите и на граѓаните кои се погодени од кризата. Тој ќе биде усвоен денеска на седница на Влада, а се очекува денеска да биде и презентиран.
Во мерките предвидена е поддршка за фирмите и тоа во форма на грантови ама само за најпогодените сектори, додека за другите ќе има субвенции за плати за последниот квартал. Владата планира да го продолжи грејс периодот на бескаматните кредити од Ковид 1 линијата додека се планираат и некои даночни олеснувања. Ќе има намалување на ДДВ за одредени услуги.
Инаку од тие 350 милиони евра, како што велат од Владата, 264 милиони евра ќе бидат од Буџетот на државата, а околу 85 милиони ќе се позајмат од поволни дополнителни кредитни линии.
Премиерот Зоран Заев вели дека во најкритичните месеци од кризата односно во април, мај и јуни, преку претходните три пакети економски мерки, Владата сакала да ги зачува работните места и да ја одржи ликвидноста на компаниите.
Преку мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, за трите месеци вбризгавме вкупно 79,5 милиони евра за исплата минимална плата. Додека пак вкупно 4,17 милиони евра беа наменети за поддршка на самостојните вршители на дејности. Четвртиот пакет економски мерки, којшто денеска ќе го усвои Владата, е континуитет на претходните и продолжува со нови антикризни мерки да ги поддржува ранливите категории граѓани и најпогодените економски сектори, вели Заев.
Ветува дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се прилагодува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните.