Франција планира да се пресмета со исламистите
После неодамнешното брутално убиство на професорот, француската влада планира да се пресмета со насилните исламисти, а покрај одлучната борба, на претседателот Макрон потребно му е трпение, пренесува „Дојче Веле“.
Во анализата која за „Дојче Веле“ ја изработи Барбара Везел, се оценува дека Макрон е свесен дека мора да започне борба против исламизмот, посебно затоа што во последните пет години во терористички напади со исламистика позадина беа убиени 240 лица.
Стравичното убиство на професорот Самуел Пати е уште еден доказ дека во Франција се прошири исламистичкото подземје и дека е надвор од контрола на државата. Тој феномен започна да се шири после нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001-ва година, а Макрон го нарекува „исламски сепаратизам“.
Сепак, Макрон оваа борба ќе мора да ја води на територијата на Франција и досега француските власти повлекоа неколку исправни потези кои мора да ги следат сите европски земји – донесена е одлука сите муслимански проповедници да се школуваат во Франција, задолжително е школувањето и за муслиманските деца, исламистичките радикали се депортираат и се спроведуваат остри контроли на културните и другите здруженија кои толерираат проповедање на насилство.
Никој сега во Франција нема да може да се вади на „картата на исламофобија“, затоа што тие организации имаа долги години прилика да престанат да толерираат или поддржуваат насилство во своите редови, наведува Везел.
Сепак, сите во Франција, без оглед на политичкото определување, знаат дека проблемот е многу подлабок, а претседателот Емануел Макрон неодамна говореше за две причини – недостатокот на соочувањето на земјата со колонијалното минато, посебно со војната со Алжир, како и социјалната и економската беда во предградијата, пренесува „Дојче Веле“.
Француската држава самата ги создаде тие гета и исто така е одговорна за сепаратизмот кој таму настана, а за тој да се надмине ќе биде потребно да поминат повеќе генерации.
Тоа ќе биде голема задача за Емануел Макрон кој за нешто повеќе од една година повторно ќе го побара гласот од граѓаните на претседателските избори. Тоа може да го чини гласови во корист на десницата, но тоа би било историски важна задача за претседателот со така големи историски амбиции, оценува „Дојче Веле“.
Авторката Везел заклучува дека на Макрон ќе му бидат потребни трпение и уверливост, одлучност и подготвеност доколку сака да оствари било каков резултат. Сепак, тоа нема да биде лесно, затоа што Франција тој дел од општеството долго време го занемаруваше.
За тоа, нема да биде доволен само еден претседател, туку и целата граѓанска Франција треба да се соочи со грешките од минатото.