Oнлајн петиција против изградбата на малите хидроцентрали на Лешница
Активисти здружени во Зелен фронт се спротивставуваат на изградбата на малите хидроцентрали на реката Пена.
Тие започнаа онлајн петиција која ја упатија до Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски и генералниот секретаријат на Владата.
„Со овие објекти се извршува злосторство против природата и уништување на срцето на Шара. Исто така, најверојатно ќе се загрози водоснабдувањето на Тетово заради близината на малите хидроцентрали до водозафатот на Пена“, се вели во петицијата.
Од Зелен фронт нагласуваат дека изградбата на малите хидроцентрали во Емералд подрачјето Шар Планина е во спротивност со Бернската конвенција.
„При обезбедувањето на дозволи што претходат на изградбата, не е почитувана Архуската конвенција. Исто така, не се почитувани насоките на енергетската заедница што се однесуваат на спроведување на соодветни постапки за оцена на влијанијата од малите хидроцентрали што ги земаат предвид кумулативните влијанија“, се наведува во петицијата.
Претходно, стотина планинари преку акција за чистење на Лешница од отпад и протестен перформанс го кренаа својот глас против изградбата на малите хидроцентрали.