АНГЕЛОВСКИ: ДА НЕ СЕ КАЗНУВААТ СИТЕ УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ЗАРАДИ ПОЕДИНЕЧНИ ПРЕКРШИТЕЛИ

Угостителските објекти мора да ги почитуваат протоколите за заштита од ширење на вирусот ковид-19, граѓаните да внимаваат дали локалите каде одат ги почитуваат мерките за заштита, а инспекциските служби и полицијата треба соодветно и ефикасно да ги казнуваат прекршителите, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Најголем број на угостителските објекти мерките за заштита од ковид-19 ги интегрираат во своето секојдневно работење и ги почитуваат. Не треба заради прекршување и непочитување на протоколите од страна на неколку објекти, да се воведуваат рестрикции кои ќе важат за сите. Сегде во светот има луѓе кои ги прекршуваат правилата, затоа и постојат надлежни институции, кои треба да ги санкционираат. Со воведувањето на новите рестрикции се добива впечаток дека се преземаат дополнителни мерки, само затоа што надлежните не може да ги спроведат протоколите на терен. Нема никакво оправдување, да се казнува целата угостителска дејност, заради поединци“, вели Ангеловски.

Тој додава и дека проблемот е комплексен бидејќи се донесоа многу различни протоколи, кои на некој начин на одредени локали им дозволија на организираат настани. Како пример го посочува протоколот за организирање на музичките настани каде не е јасно дефинирано кој може да ги организира. Ангеловски посочува и дека треба да се работи на подигнување на јавната свест на луѓето за важноста на почитувањето на протоколите. На тој начин ќе се дава предност во изборот на угостителски објект кои ги почитуваат мерките за заштита, со што и другите ќе бидат стимулирани да работата на пропишаниот начин.

-Надлежните институции кога ги носат новите мерки да се свесни дека треба да се движиме во правец на изнаоѓање на начин на безбедно функционирање на сите дејности во актуелните услови преку носење на соодветни протоколи и паралелно со тоа развивање на механизми за санкционирање на прекршителите. Во спротивно ќе се најдеме во ситуација да се носат рестрикции кои секако некој нема да ги почитува и да се враќаме назад до степен на целосен карантин. Таквата политика на дејствување економски е неиздржана – вели Ангеловски.

Тој апелира измените на протоколите да се прават во консултација со засегнатите страни, како и да се зајакнат капацитетите и надлежностите на инспекциските служби за да може поефикасно на се справат со прекршителите.

Translate »