Виолета Николова: Македонската иновација PURECLOUD има примена во секоја средина каде постои проблем со загаденоста на воздухот

Иднината е во развојот на иновативни технолошки производи кои го олеснуваат животот на луѓето, кои решаваат одреден проблем, и им помагаат на луѓето во секојдневниот живот. Токму таков е уредот PURECLOUD на компанијата Информ ДОО Скопје, пренослив уред кој мери загаденост, и кој веднаш на клауд ги складира параметрите. Иновативен производ кој покажува загадување на микро локација, кој од воздухот зема податоци и мери во реално време, и кои веднаш ги складира на клауд. Македонска иновација која има светски потенцијал, и која има шанса за примена во секоја средина каде постои проблем со загаденоста на воздухот. Иновацијата е резултат на неколку годишна напорна анализа и истражувања на експертскиот тим на Информ ДОО Скопје, поддржана од ФИТР, а која конечно станува применлива во реалноста. По тој повод разговараме со м-р Виолета Николова, Директор за бизнис развој и нови компании во оваа компанија.

1.Како функционира овој уред, и кој е главниот бенефит од него? 

Уредот PureCloud функционира како паметен преносен мониторинг систем за мерење на квалитет на воздух. Податоците се споделуваат истовремено помеѓу сите платформи, и се ажурираат во реално време. Податоците од мерењата се прикажуваат и на самиот дисплеј на уредот и на web апликацијата. Податоците се складираат во облак и овозможуваат понатамошни аналитички операции.

До сега, надлежните инспектори и институции немаа соодветни мобилни уреди за мерењето на квалитетот на воздухот, а со тоа и за преземање навремени и соодветни мерки против загадувачите.  Затоа и го создадовме овој систем. Целта е да им се овозможи на надлежните служби достапност до современа технологија за мерење на загадувањето и преземање соодветни мерки за намалување и справувaње со аерозагадувањето. Со тоа, главниот бенефит од нашиот мерен систем го имаат сите граѓани, посебно граѓаните од ранливите категории. Затоа што загадувањето на воздухот годишно убива околу 4.2 милиони луѓе во светот, повеќе и од СИДА, маларија и туберкулоза заедно; а исто така создава и сериозни компликации при КОВИД 19 и останати респираторни болести. 

2.Животната средина е неповратен ресурс, кон која сите ние треба поодговорно да се однесуваме и да се грижиме за неа. Кој беше вашиот поттик за создавање на овој уред? 

Нашиот поттик за создавање на овој уред беше токму грижата за животната средина и добросостојбата на луѓето. Затоа што правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право, а воздухот кој сите ние го дишеме е дел од нашата животна средина. Граѓаните имаат право и заслужуваат да дишат чист воздух.

Обединетите нации и многубројните меѓународни организации и институции, декларации, протоколи и регулативи се однесуваат на животната средина. Значењето на животната средина е акцентирано и во Уставот на нашата држава и е соодветно регулирано како вредност и право кое мора да се заштитува и унапредува.

„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, се пропишува во член 43 од  Уставот на РСМ.

Покрај уставните определби за животната средина, во правниот поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина, а Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, е дел од овие прописи.

Целосното и доследно почитување на законите, но и нивното спроведување, претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните.

Затоа и создадовме систем кој ќе може да придонесе кон заштитата и унапредувањето на нашата животна средина.

3.За кого е наменет, и каде се може да има примена? 

Како што и веќе напоменав, системот е првенствено наменет за примена од страна на општините и нивните комунални и инспектори за животна средина; владини агенции, институции и тела кои работат во областа на заштита и унапредување на животната средина; како и научни и образовни институции од истата област.

Исто така системот може да има примена и во многу стопански дејности каде квалитетот на воздухот е многу важен, како на пример еколошко производство на храна и пијалоци; како и поголеми индустриски капацитети кои треба да и возвратат на околината со соодветна грижа и квалитет на воздухот.

Невладините и меѓународните организации кои делуваат во оваа област исто така може да имаат голема корист од примената на овој систем и податоците кои од него се добиваат.

4.Какви се вашите планови на подолг рок. Колку уреди планирате  да произведете, и дали овој производ има интернационален потенцијал. 

По успешниот развој на системот во соработка со ФЕЕИТ и ФИТР и неколкуте спроведени пилот проекти со неколку општини, подготвени сме за пласман на пазарот. Тековните планови вклучуваат имплементација на системот во државата и регионот со покривање на поголем дел од териториите кај нас и соседните држави.

Како точен број на уреди кои ќе се постават за сега не би можела да наведам, бидејќи истото зависи од анализите на терен, местоположбата и соодветните географски и климатски фактори на влијание. Она што ние го планираме е покриеност на територијата која ќе гарантира точни и веродостојни податоци, посебно тешко достапни места или места што досега не биле опфатени со мерење.

Апсолутно верувам дека нашиот систем има интернационален потенцијал откако ќе создадеме успешна регионалн приказна, бидејќи загадувањето на воздухот е сериозен проблем со кој се соочува секој поголем град во светот, од Лондон до Пекинг и пошироко.

5.Сите Cost/benefit анализи кои ги имате направено велат дека станува збор за исклучително иновативен производ кој може да има не само регионалнатуку и светска продажбаДали проектот е отворен за заинтересирани инвеститориили кој би бил мотивот за една компанија или инвестициски фонд да инвестира во овој проект? 

Самиот факт дека PureCloud има шанса за примена во секоја средина каде постои проблем со загаденоста на воздухот го прави овој производ интересен за потенцијалните инвеститори, а кои во оваа фаза имаат можност да бидат дел од нешто големо. Замислете ситуација кога со овој уред ќе се мери загаденоста во Пекинг, Лондон, Истамбул и многу други светски метрополи, колку уреди ќе треба да се произведат, и колку значаен би бил овој производ. Колкава побарувачки би постоела! Несомнено, тие кои би се приклучиле во оваа фаза само би ја потврдиле своја определба на општествено одговорни субјекти, кои имаат визија и кои имаат повисоки цели во своето работење. Финансиската оправданост од вложување во овој уред сметаме дека мала, а потенцијалот огромен. Ова е производ кој треба да го користи секоја општина, секоја поголема компанија, секоја институција која се грижи за луѓето.

6.Која е вашата порака до јавноста? 

Проблемот со загадувањето на воздухот е многу сложен и опфаќа многу чинители. Еден чинител не може да го реши проблемот. Сите ние заедно и поединечно можеме и треба да го дадеме својот придонес. 

Широката јавност има право да биде точно и навремено информирана за квалитетот на воздухот кој го дише, а надлежните институции имаат обврска да го спроведуваат законот за заштита на здравјето на луѓето и животната околина преку соодветни мерки и постапки.

Ние како компанија која создава систем за мерење на квалитетот на воздухот која ќе служи како алатка во рацете на институциите веруваме дека го даваме нашиот придонес во справување со загадувањето на воздухот.

Translate »