Како дрогата се нашла заборавена во полициското возило?
Веста за наводно откриената дрога во полициско возило од Македонија на граничниот премин „Сукобин“ на албанско-црногорската граница вчера предизвика голем интерес не само кај засегнатите страни, туку и кај медиумите во Балканот. Веста со по некој плус детаљ беше пренесена и од македонските медиуми. Според кусиот извештај од Црна Гора, „дрогата била откриена при контрола на автомобил со регистарски таблички од Република Северна Македонија, кој се движел од правец на Албанија кон Црна Гора“.
Црногорскиот медиум „Вјести“ објави дека супстанцијата, за која постои сомневање дека е дрога, била пронајдена во скриен бункер спакуван во неколку поединечни пакувања.
Македонското Министерство за внатрешни работи го потврди случајот, но објасни дека „станува збор за претходно запленета дрога, која останала скриена под седиштето на автомобилот, запленет во царинска акција уште во 2016 година“.
Вистината за целата наводна афера има донекаде и трагикомична сцена. Според сознанија до кои дојде „Слободен печат“, приказната за дрогата започнува во летото 2016 година. При царинска контрола на граничниот премин „Табановце“ во возило „крајслер војаџер“ при обид за влез во Македонија, царинските работници пронашле дрога марихуана. Веднаш била известена полицијата, која го привела возачот, а ги запленила дрогата и возилото. Случајно или не, токму при царинската проверка на возилото се случил пропуст и не биле проверени задните седишта на возилото каде што шверцерите скриле одредена количина дрога. По завршување на судската постапка против шверцерите, „крајслерот-војаџер“ бил даден во Агенцијата за запленет имот, а потоа возилото завршило во сопственост на МВР. Од 2017 година до денес „крајслерот“ полн со дрога се возел за службени потреби низ земјава, сè до четвртокот попладне. Истиот ден вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР се упатиле на обука во Црна Гора и за патување до таму го задолжиле фамозниот „крајслер“. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, полициско куче од црногорската полиција ја надушкало дрогата, а тамошните погранични служби откриле спакувана марихуана, која била скриена во бункери под седиштата.
Набрзо по настанот било алармирано македонското МВР, кое потврдило дека вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство, по што македонските полицајци се вратиле во Скопје, а за целиот случај е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот.