Место во Хрватска без ниту еден заболен од почетокот на пандемијата!
Коронавирусот го окупира скоро целиот свет со месеци, а последните денови рапидно се шири низ цела Европа. Сепак, овој вирус дури и не „припари“ на еден хрватски остров.
На Ластово, остров со 760 жители, кој е оддалечен околу пет часа со траект од Сплит, од февруари, кога беше регистриран првиот случај на вирусот во Хрватска, до денес никој, никој не е заразен.
Како е можно тоа?
„Немаме конкретни објаснувања зошто не е забележан ниту еден случај на Ковид-19 на островот цело ова време. Имавме напорно лето, многу туристи, животот е ист како и во сите други области. Луѓето ги кршат и почитуваат мерките, не постои поинакво, поспецијално однесување што го практикуваме во нашата заедница. Живееме како остатокот од светот. Ние сме затворена средина, зад нас, од туристичка гледна точка, е успешно лето. Можеби имаме посилен колективен имунитет. Областа на островот е секако енергетски посилна поради природната средина. Благодарни сме му на Бога и се надеваме дека Тој ќе не чува и понатаму. Можеби објаснувањето е скриено во некоја нематеријална причина, имам простор да верувам во таква опција“, рече шефицата на Кризниот штаб на Ластово, Маргарет Хропиќ.
Локалните жители велат дека островот бил преполн во текот на сезоната, но сепак, нема корона.
Еден од најголемите претприемачи од Ластово, Марселино Симиќ, рече дека и до 300 луѓе циркулирале на мал простор.
„Помина многу од светот тука, но дали некој се зарази – не, дали короната дојде – не. Имавме два, три случаи на самоизолација, но од нашиот свет кои дојдоа на островот од страна, па мораа да ја поминат таа мерка. И сè беше здраво. Зошто? Нема корона на отворено, не може да преживее таму. Малку луѓе има на целиот остров на 50 километри квадратни. Целиот наш остров е една голема самоизолација. Се внимаваше кога се излегуваше на брегот, се внимаваше на траектот и катамаранот. На секој од нас навистина му е важно како се однесува. А, на Ластово има посебна енергија што нè одржува сите заедно“, рече тој за порталот Слободна Далмација.