На шест пункта во Скопје се тестира со брзи тестови
Во Поликлиника Ѓорче Петров, Поликлиника Чаир, Поликлиника Ченто, Поликлиника Бит Пазар, Поликлиника Јане Сандански и Поликлиника Млин Балкан од денеска се врши тестирање со брзи тестови за детектирање на вирусот ковид-19, но не и на антителата. Резултатите од брзиот тест се добиваат за 10 до 15 минути, соопшти Министерството за здравство.
„Брзите тестови ги закажува матичниот лекар според претходно определен алгоритам, а еден од критериумите е симптомите на ковид-19 да не траат подолго од пет дена од почетокот до тестирањето. Алгоритамот за тестирање е направен според препораките на СЗО, а матичниот лекар според земената анамнеза прави проценка дали на пациентот ќе му се земе брис за ПЦР-тест или за антигенски брз тест. Термините за тестирање со брзи тестови ќе одат преку „Мој термин““ појаснуваат од ресорното министерство.
Оттаму информираат дека во случај кога брзиот тест е негативен, а симптомите на пациентот сугерираат на ковид-19, тогаш матичниот лекар може да процени да направи дополнително и ПЦР-тест.
Брзите тестови се со цел да го зголемат капацитетот за тестирање на ковид-19 кои ќе придонесат за навремено регистрирање на позитивните случаи и нивно навремено третирање и изолирање од околината.
Во текот на последното деноноќие беа регистрирани 978 нови случаи на ковид-19 од направени направени 2.667 тестирања.