Гералд Кнаус кажа кој е единствениот излез за македонско – бугарскиот спор
Политичкиот аналитичар и основач на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус вели дека единствениот излез е сите да признаеме дека Бугарија има свое читање на историјата, што е различно од толкувањето во Република Северна Македонија.
Но, како што додава, ова не значи дека бугарското гледиште е погрешно или невистинито.
„Ниту, пак, дека Бугарија треба повторно да ја пишува својата историја. Но, тоа сигурно значи дека Бугарија не може да побара од својот сосед да прифати бугарско толкување на историјата. Актуелната македонска влада е најдобриот можен партнер за Бугарија. Обратната страна на медалот е намерната и бесцелна манипулација со историјата што ја видовме во времето на Никола Груевски“, вели Кнаус во интервју за Бугарското национално радио.
Според него победници во овој спор нема, а Бугарија нема да добие ништо освен напнатост.
Сепак, македонската страна не губи надеж дека ќе има решение на несогласувањата со источниот сосед, иако рокот е краток, а времето тече.
Ако Бугарија стави вето, Македонија нема да може да ги почне преговорите со ЕУ.