Историчари од регионот се обединија против Бугарија: Наметнувањето на „историски вистини“ е неприфатливо и опасно!
Универзитетски професори и доктори на науки од земјите од поранешна Југославија застанаа во одбрана на Македонија и испратија протестно писмо против злоупотребата на историјата во политички цели од страна на Бугарија.
Бугарската Влада ги блокираше преговорите на Македонија со Европската унија, наметнувајќи „фашистички“ барања кои ретко кој нормален човек денеска може да ги разбере и сфати сериозно.
На ова реагираа и група на познати историчари од регионот преку протестно писмо и Декларација „Да ја одбраниме историјата“, во која нагласуваат дека историскиот ревизионизам кој го применува Бугарија, служи за зајакнување на стереотипите и развој на предрасудите и омразата кон соседите.
„ Последните месеци владата на Република Бугарија се заканува со блокада на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создале Тито и Коминтерната. Ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата во политички цели. Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионите, но и на самата Европска Унија. Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право “, стои во текстот.
„ Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведеуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек протв сите лоши искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа“, се вели во протестното писмо.
Петицијата досега ја потпишаа угледни професори по историски науки од сите страни од земјите кои беа дел од поранешна Југославија.