Анализа: Како ќе се спроведува пописот кај нас, а како во ЕУ?

По неколкудневна тензична расправа меѓу власта и опозицијата дали населението во земјава ќе  се попишува според сите меѓународни критериуми и ќе даде релевантни резултати Предлог Законот за попис се уште чека за гласање во Собранието. 

Почитување на препораките и дефинициите за пописот на ЕУРОСТАТ и ОН е клучно за спроведување на оваа операција за да имаме доверба во резултатот кој ќе се добие, вели за Канал 5 првиот човек на Советот за статистика, професорот од ПМФ Благоја Марковски. Токму Советот е едно од стручните тела кое ќе учествува во спроведувањето на пописот а кое според Законот треба да даде свое мислење за Методологијата и пописните обрасци. Правилата на ЕУРОСТАТ вели Марковски се јасни, а со тоа и основните параметри и периодот за спроведување на операцијата.

Собраниската расправа по Законот за попис на населението е завршена, а кога ќе се гласа по текстот за кој е потребно просто мнозинство не се знае. Имајќи ги предвид позициите на власта и опозицијата, политички консензус околу Законот не е ниту на повидок. За што поголема доверба во резултат неопходен е консензус, вели Марковски, но и како ќе се спроведе на терен.

Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава, а еден месец претходно ќе може да се самопопишуваат државјаните кои се на привремена работа или престој во странство на посебна апликација која ќе се најде на веб страницата на ДЗС. За отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати. Но предвидени се и казни од 200 до 300 евра за оние кои ќе дадат лажни податоци.

Translate »