Симовски – Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира
Секогаш ќе има незадоволни каков и попис да направите, но статистика не ја прави реалноста, статистика ја регистрира реалноста. Сигурен сум дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама не ме интересира, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Господине Симовски, како течат подготовките за пописот и дали по скоро 19 години ќе имаме успешно спроведена статистичка операција?
Ќе почнам со одговор на последното прашање. Оваа операција мораме да ја спроведеме како што треба, тоа е многу битно да се потенцира, и тоа од многу аспекти. Прво на оваа држава ѝ требаат, неопходни се, нужни, екстра потребни сите овие информации околу пописот и ние мораме таа обврска да си ја исполниме. Втората работа е она што како институција којашто потфрли во 2011 година и не успеа да спроведе попис, да си го вратиме своето реноме. Да покажеме дека тоа било момент, не е тоа нешто што е пракса во институцијата, дека се враќаме на она да си го задржиме вистинското место кое го заслужуваме во општеството како институција. И на крајот на краиштата да си ги завршиме сите обврски како држава, членка кандидат сме, сакаме да одиме во Европа, имаме обврски, поглавјето статистика е едно од поглавјата, имаме посебно поглавје кое е во првиот кластер, значи важноста на тоа поглавје е исклучително висока, затоа е ставено во тој кластер, а првиот бенчмарк, првиот наш приоритет е да спроведеме попис. Како и да го поставиме прашањето, ние мораме овој попис да го спроведеме и она што е до нас ќе го спроведеме, да течат подготовките и она што е врзано со нашата активност си одат подготовките без никаков проблем соодветно на програмата, на тајмингот којшто ние сме си го поставиле како институција, и тука до сега немаме никаков проблем.
blob:https://www.slobodnaevropa.mk/b0315757-757e-46fe-b14f-d708232bdff1
Амандманите на опозицијата не беа прифатени, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да ги признае резултатите од пописот доколку не бидат земени предвид нивните забелешки. Како ги коментирате овие најави и според Вас, која е суштината и целта на нивниот предлог да се земаат отпечатоци?
Најновата и најголемата забелешка беше околу тоа земање на отисок од прст на тие што ќе се попишуваат. Прво, по мене, тука имаме четири моменти што се многу битни и поради кои не може да се прифати вакво барање. Прво е правниот момент, значи имаме Закон за правна статистика, имаме Закон за заштита на лични податоци и имаме Закон за полиција, овие три закони даваат можност дали вакво нешто може или не може да се спроведе и сите три закони велат не може. Зошто? Единствената институција овластена да прибира отисок од прст и да го користи е МВР, и тоа еден сегмент од МВР, мислам дека тоа е Управата каде што даваме податоци кога вадиме лични карти и пасоши. А другиот сегмент што може да ги користи, дури овие не можат да го користат и тие се строго класифицирани податоци кој може да ги користи со посебни уредби, одобренија, на лична основа кој може да ги користи. Ние како институција немаме право да ги користиме тие податоци. Ние како институција, согласно Законот за државна статистика и Законот за заштита на лични податоци не смееме да ги дадеме податоците од кое било статистичко истражување на друга институција, значи тие можат да се користат само за статистички цели, јас не можам да ги дадам на МВР проверете ми ги сега овие дали овој отисок е на тоа лице кое што се попишало. И да сакам не можам, тоа е законскиот дел. Втората работа е околу техничкиот дел, ние имаме лица, единици на попис коишто немаат отисок во МВР. Тука се прво лицата кое се надвор од државата, не може да дадат, не може физички да остават отисок. Имаме малолетни деца кои немаат лични документи, не сите деца имаат пасоши, а лични карти може да вадите после 16 години, и трето имаме странци кои се дел од пописот, а немаат отисок во МВР. И сега тука се поставува прашањето дали некои ќе бидат повластени да не остават отисок, а некои дискриминирани да оставаат. И на крајот четвртата компонента е што ние веќе имаме подготвено апликација за попис. Допрва ако вградуваме и отисок, мене ќе ми треба уште најмалку година дена да се работи таа апликација да и тој отисок влезе во шемата на таа апликација, што апсолутно нема шанси да го дозволам.