Групата „Јавна соба“ и натаму објавува експлицитни фотографии од девојки, до сега повеќе од 100 жртви
Над 5.600 членови на групата „Јавна соба“ на Телеграм повторно „уживаат“ во експлицитните фотографии од девојки што се споделуваат. Истовремено, се откриваат профили од социјалните мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки.
Девојка на возраст од 22 години од внатрешноста на Македонија се обратила до Сител, откако нејзин пријател ја предупредил дека во групата биле објавени една нејзина фотографија од Фејсбук и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Девојката пријавила во полиција, но оттаму само и рекле дека вакви групи имало многу, известува телевизијата.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема соодветни мерки и активности во врска со случајот, велат од МВР. Од здруженијата кои се занимаат со сексуално насилство велат дека групата всушност никогаш не ни згаснала. Се појавиле повеќе групи со исто или слично име и со иста цел, објавување фотографии од девојки и споделување нивни лични податоци. „Јавна соба“ е кривично дело кое до сега има повеќе од 100 жртви, тврди извршната директорка на Коалицијата Маргини, Ирена Цветковиќ.
Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година.