Америка и Европа буквално се оддалечуваат, се шири Атлантикот
Научниците открија дека, спротивно на досегашното верување, планинскиот венец во средина на Атлантскиот Океан има големо влијание во обликувањето на планетава и буквално ги оддалечува континентите Северна Америка и Европа.
Точниот механизам кој го регулира движењето на земјините тектонски плочи одамна им прави проблем на научниците, но најновите истражувања спроведени од Универзитетот Саутемптон најавуваат големи промени во истражувањата за климатските промени и нивното решение.
Новото истражување сугерира дека планинскиот венец долж средината на Атлантикот, познат како Средноатлантски Гребен, оној кој се појавува на морското дно и ја означува границата помеѓу две огромни тектонски плочи, веројатно игра многу позначајна улога отколку што досега се мислеше. Тој секоја година го шири Атлантскиот Океан за неколку сантиметри, а процесот истовремено прави океанот од другата страна на Северна Америка, односно Пацификот, да се смалува.
Истражувачите поставија 39 сеизмометри на дното на Атлантикот на длабочина од 1 километар и ја набљудуваа сеизмичката активност на планетава во период од една година. За време на тој период го следеа и протокот, или трансфер, на материја помеѓу горниот и долниот плашт кој се наоѓа под земјината кора.
Користејќи врвна технологија, успеаја да добијат јасна слика од трансферот на материја на длабочина од дури 660 километри под површината, што е прва слика со висока резолуција од земјиниот плашт во овој дел на планетата.
„Набљудувањето покажа трансфер на материја од горниот во долниот плашт, како континуирано, така и испрекинато, процес кој е поврзан со Средноатлантскиот Гребен“, велат истражувачите, додавајќи дека конвекциските струи низ целиот плашт можеби и се позастапени и поважни отколку што досега се мислеше.
Со други зборови, ваквите големи гребени на сред океаните играат активна, а не пасивна улога во тектонските плочи кои буквално ја обликуваат нашата планета, иако за само 3,8 сантиметри годишно.
Кога тектонските плочи се судираат, настануваат земјотреси, цунамија и вулкански ерупции.
„Растојанието помеѓу Северна Америка и Европа постојано се зголемува, а не е водено од политички или филозофски разлики“, вели д-р Ник Хармон од Универзитетот Саутемптон.
Понатамошното истражување во ова поле и собирањето на повеќе податоци ќе придонесат за подобри системи за предупредување од природни катастрофи и подобра информираност за климатските промени со мерење на подигнувањето на водата во светските океани.
izvor Kajgana.mk