Кој директор на банка си докупи акции за 120.000 евра?
Охрабрувачки сигнал за инвеститорите во акцијата на „Комерцијална банка“. Хари Костов, долгогодишниот прв човек докупи 1.000 акции во таа банка, а нивната пазарна вредност надминува 120.000 евра
Хари Костов, долгогодишниот главен извршен директор и претседател на директорскиот борд, на „Комерцијална банка“ си докупи 1.000 акции со право на глас во банката што ја раководи повеќе од 20 години. Вложувањето на повеќе од 120.000 евра во акции на „Комерцијална банка“ секако ќе биде позитивен импулс пред се малите инвеститори на Македонската берза за хартии од вредност каде што акцијата на „Комерцијална банка“ е еден од главните маркет-мејкери. Неговото вложување, како човек кој има долго искуство и високо квалификувана експертиза во светото на финансиите, секако дека ќе биде охрабрувачки сигнал за малите акционери да вложуваат во таа акција или во најмала рака да не ги продаваат своите акции.
Потегот на Костов во инвеститорската јавност многу веројатно ќе се протолкува и за неформална потврда за дивиденда за работењето на „Комерцијална банка“ во 2020 година. Костов во континуитет вложува во акции на банката со која раководи и тоа е позитивна корпоративна пракса. Истото во континуитет го прави и Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“ како и членовите на управниот одбор со кој тој раководи.
Купувањето акции во компаниите со кои раководат на врвни менаџери е востановена пракса во западните земји со долга корпоративна историја. Кај многу од големите корпорации постојат и клаузули во менаџерските договори со кои извршни директори и членови на бордовите прифаќаат исплати на бонуси во акции и тоа има за цел нивна дополнителна мотивиција за подобри резултати, поголеми профити што позитивно влијае врз пазарните цени на нивните акции. Можно е во менаџерскиот договор на директорот Костов да има одредба со која кој има можност со дел од бонусот за успешност да купува акции во банката со која раководи.