Мистериозна болест сее смрт во Танзанија: Повраќаат крв и умираат во најтешки маки
Во Танзанија најмалку 15 лица починаа од мистериозна болест поради која повраќаат крв. Здравствените власти соопштија дека на југот на земјата се хоспитализирани повеќе од 50 лица поради неидентификувана болест која предизвикува мачнина. Во регионот Мбеја некои пациенти, главно мажи починале само неколку часа откако се разболеле.
Фелиста Кисанду, главната советничка за здравство во административниот округ Чуња, во Мбеја, соопшти дека тим експерти е испратен во областа за да ги прегледаат пациентите и да ја испитаат причината за болеста. Таа рече дека проблемот не зафатил пошироко подрачје и дека луѓето повраќаат крв само во месната заедница Ифумбо доколку предоцна дојдат во болница, пренесува Сан.
Таа рече дека причината за нивната болест се уште не е утврдена, а Министерството за здравство на Танзанија ја исклучува можноста од епидемија.
Примероци од водата и крвта на пациентите се анализирани на траги од жива, а Кисанду вели дека првите резултати покажуваат дека пациентите, главно мажи имаат тешка форма на чир во стомакот и заболен црн дроб.
– Ги советувавме да го одбегнуваат конзумирањето вода која не е безбедна за пиење, како и пушењето и алкохолните пијалоци, соопшти советничката.