Право на паричен надомест при престанок на работен однос
Според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, право на паричен надоместок му следува на секое невработено лица кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци
Право на паричен надоместок има невработено лице за времето поминато во работен однос, за кое се уплатувани придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа:
– во работен однос со полно работно време;
– во работен однос со неполно работно време, пресметано во полно работно време;
– во работен однос на определено време (сезонска работа) подолго од 40 часа во неделата, ако тоа време му е пресметано во работен стаж
– за работа во странство.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно со закон, колективен договор и договор за вработување и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот во последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата.
Времето за кое се исплатува паричниот надоместок зависи од времето за кое невработеното лице било осигурано во случај на невработеност.
Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:
– еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеца во непрекинато траење или 12 месеца со прекин во последните 18 месеца;
– два месеца, ако има стаж на осигурување над 18 месеца до две и пол години;
– три месеца, ако има стаж на осигурување над две и пол до пет години;
– четири месеца, ако има стаж на осигурување над пет до седум и пол години;
– пет месеца, ако има стаж на осигурување над седум и пол до десет години;
– шест месеца, ако има стаж на осигурување над десет до дванаесет и пол години;
– седум месеца, ако има стаж на осигурување над дванаесет и пол до 15 години;
– осум месеца, ако има стаж на осигурување над петнаесет до седумнаесет и пол години;
– девет месеца, ако има стаж на осигурување над седумнаесет и пол до 20 години;
– десет месеца, ако има стаж на осигурување над 20 до дваесет и две и пол години;
– единаесет месеца, ако има стаж на осигурување над дваесет и две и пол до 25 години и
– дванаесет месеца, ако има стаж на осигурување над 25 години.
На невработено лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричен надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.
Паричниот надоместок на невработеното лице му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос, ако невработеното лице поднесе барање до Агенцијата кај која е уплатуван придонесот за вработување, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.
Право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради:
– давање писмена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос, освен ако таквата изјава е дадена – – поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак;
– спогодбено престанување на работниот однос;
– остварува права од работен однос спротивно на закон;
– престанок на работен однос по сила на закон, освен во случај на престанок на правното лице поради стечај;
– неоправдано изоставување од работа последовно три работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година;
– престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавач за кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа;
– одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
– одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавач во согласност со закон;
– одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место кај ист или друг работодавач, што му се обезбедува во согласност со закон;
– губење на работната способност согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување и
– исполнување услови за остварување право на пензија.