Европа наскоро ќе биде во целосен карантин: Зошто во некои земји умираат многу повеќе луѓе?

Францускиот претседател Емануел Макрон одржа говор во кој на нацијата ѝ порача дека Франција е во војна со коронавирусот и објави рестриктивни мерки.

Франција веќе ги затвори сите ресторани, кафетерии, училиштата и дургите објекти кои не се поврзани со директна продажба на храна или лекови. Во крајно сериозното обраќање до нацијата, Макрон порача дека денес од пладне ги повикува сите граѓани да не излегуваат од дома освен само во итни случаи.

На француските улици излегуваат околу 100 илјади припадници на полицијата, ќе се поставуваат контролни пунктови и сите кои ќе бидат затекнати на улиците ќе мора да имаат добро оправдана причина зошто се надвор, во спротивно ќе бидат казнувани. Макрон порача дека преголем број на граѓани ги игнорирале препораките, се дружеле по паркови и јавни површини загрозувајќи се себеси и здравјето на другите.

Ситуацијата во Франција, како и во Шпанија потсетува на ескалацијата која веќе ја видовме и уште трае во Италија. Со други зборови, најцрните сценарија веќе се остваруваат и со самото тоа мерките стануваат се построги. Веќе и пишувавме за динамиката на ширење на коронавирусот и дека за 9 до 14 дена ќе гледаме „италијанско сценарио“ во уште неколку земји – за жал, проценките на научниците започнаа да се остваруваат.

Економскиот удар на компаниите исто така ќе биде без преседан, иако се поголем број на земји, исто како и нашата, најавуваат мерки кои би требало да ги ублажат последиците. Бројни месеќни давачки, рентата и комуналиите се укинуваат, а државите ќе почекаат и со собирањето на данокот.

Секако, секоја држава ќе реагира различно, но сите ќе мораат да употребат барем дел од своите финансиски залихи за да се спречи крах на економијата. Можеби и најлесно ќе им биде на земјите членки на Европската унија кои ќе побараат помош од Брисел, иако не е прецизирано дали и колку средства ќе бидат одобрени за таква намена.

Дури и тие кои ја потценуваат разорноста на COVID-19 не можат да го игнорираат фактот дека на здравствениот систем ширум светот му се заканува крах. Има и голем број на научници чиј став сега е променет од првичниот од пред неколку месеци, со оглед на тоа што заразата се шири со брутална брзина и ситуацијата е крајно непредвидлива.

Би било разбирливо доколку цела Европа сакајќи да го избегне сценариото од Кина воведеше максимален карантин, но тоа не се случи така одлучно. Поради „надевањето“ дека нема да повтори ситуацијата од Кина, сега Европа за жал би можела да помине уште полошо од Кина. Статистички гледано станува јасно дека ситуацијата многу ќе се влоши, пред да започне да се подобрува. Тоа што може да се каже со апсолутна сигурност е дека драстичните мерки ќе придонесат за смирување на ситуацијата и враќање во нормала, но каков свет ќе пронајдеме по добивањето на војната со коронавирусот останува да видиме, а проценката е следна – економски уништен свет.

Зошто во Италија има толку многу мртви?

Следејќи ја ситуацијата во изминатите денови, едно прашање посебно се издвојува – зошто во Италија има толку многу починати од коронавирусот. Ако тргнеме од претпоставката дека Италија, Германија, Франција и другите западноевропски земји известуваат правилно за своите бројки, веднаш ќе воочиме еден парадокс, а за компарација сега ќе ги земеме Франција и Германија.

Број на заразени во Германија: 7,272

Број на заразени во Франција: 6,633

Број на починати во Германија: 17

Број на починати во Франција: 148

Разликите се преголеми за да кажеме дека станува збор за некоја статистичка грешка. За што станува збор? Кој е потенцијалниот одговор на прашањето зошто во Франција има повеќе починати? Постојат многу фактори, а експертите се обидуваат да ги пронајдат одговорите.

Во Италија и Франција има повеќе стари луѓе? Но, ги има и во Германија. Италијанците повеќе пушат цигари? Да, но во Кина пушат уште повеќе. Различни „генетски својства“, на пример на Французите и Германците? Нема никакви докази за тоа. Според податоците, вирусот подеднакво „силно“ удира на сите расни, етнички и други подвидови на хомо сапиенс. Но, можеби одговорот се крие во пристапот – пристапот на справување со болеста.

Имено, сите знаеме дека заболените од коронавирусот имаат симптоми на „класичен грип“, некои посилни, некои поблаги во зависност од имунитетот на лицето. Што мислиме под „пристап“? Се мисли на тоа што лицето го прави кога има вироза, настинка, грип… Дали мирува, дали зема лекарства и за какви лекарства станува збор? Францускиот министер за здравство, Оливие Веран овој викенд порача дека некои лекови, примарно оние кои се користат за намалување на температурата, притоа наведувајќи ги ибупрофен и кортизон, можат да го направат коронавирусот поопасен за заболеното лице. Притоа, тој напомена дека луѓето наместо ибупрофен, треба да земаат парацетамол. Разликата во двата лекови е тоа што ибупрофенот се метаболизира (разградува) во бубрезите, а парацетамолот во црниот дроб.

Translate »