Во кои земји Македонците можат да работат без да поседуваат европски пасош?

Работа на Блискиот Исток, сезонскa работа во туризмот во Хрватска, Црна Гора, Бугарија, на Малта, но и ангажман во фабрики во Чешка и Словачка може да се реализира со македонски пасош. За граѓаните останува и опцијата за работа на брод.

Дури и за ветената земја, Германија доколку граѓаните поседуваат соодветени квалификации и познавање на јазик, и тоа го докажат, можат значително да си го олеснат процесот за вработување со македонски пасош. Зоран Кочоски од агенцијата Коузон објаснува дека во Чешка и Словачка за работа во фабрика, во одредени сектори, на работниците со македонски пасоши им се обезбедувале дозволи за работа за период од една година, со опција истата да биде продолжена. Сепак, голем удел играат личните компетенции на луѓето кои сакаат да заминат. 

„За луѓето кои немаат квалификации, тој европски пасош им помага да најдат работа затоа што на запад секогаш има потреба од работници кои би работеле физичка работа, во стоваришта, би пакувале роба и слично. Но, оние кадри кои се квалификувани и имаат познавање на јазик, можат со договор за вработување, да добијат влез во земјата, работна виза, престој. Сѐ зависи кои квалификации ги поседуваат граѓаните и како ќе поминат на пазарот на труд“, вели Кочоски.

Тој смета дека во земјава има 15 до 17 отсто од населението кое нема квалификации, а сака да работи на запад со помош на европски пасош, односно тоа е најчесто бугарски пасош. Кочоски објаснува дека ќе биде многу полесно доколку Македонија склучи билатерални договори со најсилните економии за испраќање на работна сила, со што бенефит ќе има државата, граѓаните, а тој притисок за земање на европски пасоши ќе се намали.

„Јас работам во Германија со македонски пасош, и врз основа на договор за работа добив виза од германската амбасада во Македонија. Визата се продолжува и така функционирам веќе 3 години. Работната позиција зависи од личните интереси, амбициозност и упорност. Досега имам направено промена на три работни позиции и три работни места без никаков проблем. Трудот, квалитетот и одговорност се клучни и ценети секаде. Со текот на времето сите се стремиме кон подобра работа позиција, успех и плата. Има многу начини да се признае дипломата за завршено високо образование. Моментално сум на тој пат и се надевам дека ќе биде позитивен исходот“, вели девојка од Кочани која работи во Германија.

Незадоволни од платите и шансите за напредок овде, младите заминуваат во странство. Искуствата се различни. Од земја до земја има разлика во платите.

„Се знае дека со бугарски пасош има повеќе можности. Имам работено и на брод и во Оман. Работата на брод не е лесна. Работев по 6 месеци без ден слободен, по најмалку 10 часа дневно. Во Оман беше во ред, но платите не можат да се споредат со тие на брод. Работев за малку пари, исто 6 месеци со договор. Луѓето си бараат работа со бугарски пасош, затоа што можат да имаат нормален живот, добро здравствено и пензиско осигурување и слободни денови. Не  е решение да се работи подолго време на брод, се заработуваат пари, но во земјава немав ни ден работен стаж. Во Оман беше интересно да се живее и работи, но времето беше прежешко, во лето до 40 и 50 степени, што јас не можам да го поднесам, ама вредеше да се види  земјата и да се запознае културата. Сепак без бугарски пасош нема многу можности. Повеќето работи се привремени и без осигурување, а ако ти треба посета на лекар, си плаќаш сам“, вели Слободанка Павлова, девојка која работела во странство.

Во моментот Германија е земја која има потреба од работници, и тоа градежници, возачи, медицински персонал, занаетчии.

Faktor.mk

Сања Атанасовска

Translate »