Лавров со остра закана до ЕУ: Ако сакате мир, подгответе се за војна!

„Москва не ја отфрла можноста за прекинување на врските со Европската унија доколку Брисел воведе санкции кои ќе ја загрозат руската економија“, порача денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Веруваме дека сме подготвени. Доколку видиме уште еднаш, како што видовме многу пати досега, дека санкциите се воведени во области кои ѝ нанесуваат штета на нашата економија… не би сакале да се изолираме од светот, но подготвени сме за тоа. Ако сакате мир, подгответе се за војна“, порача шефот на руската дипломатија.

Да потсетиме, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел после посетата на Москва порача дека Европската унија и Русија се наоѓаат на историска пресвртница во врска со меѓусебните односи.

„Изборот кој го правиме ќе ја одреди меѓународната динамика на силата во овој век – дали Европската унија ќе се движи кон кооперативен или поларизиран модел во односите со Русија, дали ќе се заснова на отворени или затворени општества“, изјави Борел за време на поднесувањето на извештајот во европскиот парламент во врска со неговата неодамнешна посета на Русија.

Жозеп Борел по враќањето од Москва изјави дека е многу загрижен поради одбивањето на руските власти да воспостават конструктивен дијалог со Европската унија и ги повика европските челници да преземат „понатамошни чекори“, вклучувајќи ја можноста за воведување на санкции.

„Руските власти не сакаа да ја искористат приликата за конструктивен дијалог со Европската унија. Тоа е тажно и поради тоа мораме да преземеме понатамошни чекори. Се вратив во Брисел многу загрижен за иднината на развојот на руското општество и за геостратешките одлуки на Русија. Се чини дека Русија целосно се одвојува од Европа и на демократските вредности гледа како на една егзистенцијална закана“, изјави Борел.

Неодамна, од Европската комисија порачаа дека земјите членки на Европската унија на 22-ри февурари ќе разговараат за можни реакции на оваа посета, вклучувајќи и евентуални санкции за Русија.

Translate »