Култот на водата: Колешинските водопади како природен споменик на Македонија
Во крајниот југоисточен дел од Македонија, на само неколку километри од јужната граница, скриено во пазувите на планината Беласица се наоѓа симпатичното село Колешино. Сместено среде природа и зачувано од урбаните влијанија, Колешино ги крие природните убавини под густите шуми и веќе со години ја чува тајната на Колешинскиот водопад – една од воодушевувачките убавини на нашата земја. Во последните години, се’ повеќе луѓе патуваат дури и преку цела Македонија за да го слушнат магичниот жубор на водопадите и да ја откријат тајната зад Култот на водата.
Мештаните велат дека Колешинските предели се толку плодни што таму никнуваат дури и работи кои нема да ги посадиш: бостани, кикиритки, разни земјоделски производи, па дури и посебен вид на кралски папрат наречен „осмунда регалис“ кој не може да се најде на друго место во Македонија, па ни на Балканот. Но сепак, и покрај сите други природни убавини, најпознатиот украс на селото се водопадите кои ги создава реката Баба спуштајќи се преку планинските врвови. Еден од нив е Колешинскиот водопад – импресивно дело на природата кое се наоѓа во подножјето на планина Беласица, во долниот тек на реката Баба, меѓу јаворова шума и камени гребени, на надморска височина од 610 метри.
До водопадот се доаѓа преку километарската патека која поминува низ густата шума и покрај малиот поток кој го придружува пешачењето со смирувачки звук на вода што тече. Патеката потоа поминува низ мал, рустикален мост и преку камени скали, кои ќе направат да се чувствувате како да се наоѓате во сосем друг свет, каде природата и зеленилото растат и опстојуваат како главна форма на живот, а човекот е таму само за да им се восхитува. Чекорејки по патот, по кој тече река ќе ве одведе до самото богатство – Колешинскиот водопад (или подобро кажано, водопади), чија „музика“ компонирана од падот на водата и нејзината игра низ камењата создаваат природна симфонија. Водопадот е со максимална височина од 19,5 метри и со широчина на падот од 6 метри, се вбројува меѓу највисоките водопади во Македонија.
Над Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од 2-4 метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив. Целиот предел изгледа како оаза за психички и физички одмор, а за посетителите кои сакаат да се опуштат и да поминат смирен момент восхитувајќи се на природата поставени се и неколку летниковци погодни за одмор или за кратка ужина на отворено.
Околината на Колешинскиот водопад воодушевува во секој дел од годината – на лето таа ќе ве освежи и ќе ви ги покаже магичните бои на природата, а во текот на зимата ова место се претвора во мало, замрзнато парче Рај на земјата.
За оние кои сакаат да го посетат и да го проучат овој крај, во близина постојат сместувачки капацитети во кои посетителите ќе бидат пречекани со традиционалното гостопримство, типично за луѓето од Источна Македонија. Овој крај никогаш не стагнира и сместувачките капацитети постојано се надградуваат, а околината добива нови туристички атракции кои е вредно да се посетат.
Како дел од Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), во овој регион се спроведува потпроектот „Култот на водата“ преку приватното претпријатие „Подгорски Ан“ Колешино со што сесе обезбедија средства за реновирање нахотелот „Термал Лукс и Спа“ во с. Банско, кој сега ги поседува сите услови за врвен туристички престој.
„Подгорски Ан“ развива и нова понуда, со дополнителни активности во природа, за туристите кои ја посетуваат дестинацијата Струмица и околината како и можност за купување и вкусување на локални, органски производи. Во рамките на потпроектот е предвидено реконструирање и уредување на просторија за развивање на апи туризам во с. Водоча.
Пчеларската куќичка ќе содржи кабина за апитерапија каде што туристите ќе можат практично да се информираат за нејзиното позитивно влијание и за придобивките. Апитерапијата е вид на ароматераписки третман што го користеле античките цивилизации, во кој се користат природните лекови содржани во пчелните производи: мед, прополис, пчелин восок, итн.
Проектот за локална и регионална конкурентност се финансира од страна на Европската Унија и Владата на Република С. Македонија. Проектот го администрира Светска Банка и се спроведува од страна на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања.
Целта на овој проект е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор. Како дел од проектот, во истата дестинација лоцирана во и околу струмичкиот регион, ПЛРК преку Општина Конче и Општина Босилево спроведе активности со кои се збогати туристичката понуда и во овие две општини.
За повеќе информации посетете го линкот: https://lrcp.mk/
Вистинското време да го посетите с. Колешино е токму сега! Резервирајте го вашиот престој и дознајте повеќе за еден од природните бисери на нашата татковина.