И официјално: Кире Лазаров нов селектор на репрезентацијата на Македонија

Тоа што се шпекулираше во ракометните кулоари низ Македонија денеска доби и официјална потврда, легендарниот Кире Лазаров е нов селектор на сениорската репрезентација на Македонија.

Ваквата одлука била донесена вчера на Управниот одбор на РФМ, а денеска истата ја потврди и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

„Ја имам таа привилегија и чест да кажам дека е донесена важна одлука за иднината на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на УО на РФМ одлучено е нов тренер на машката репрезентација да биде Кирил Лазаров. Се договоривме со Кире тој да биде нов селектор – тренер во период од една година додека да добие мастер-коуч диплома. Потоа ќе добие четиригодишен договор како селектор. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе се бориме за македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов.

Лазаров првично ќе добие договор на една година и ќе биде тренер на репрезентацијата, а кога ќе ја добие и потребната Мастер Коуч лиценца ќе добие и четиригодишен договор од федерацијата.

Лазаров на селекторската позиција во репрезентацијата ќе го замени досегашниот предводник Данило Брестовац чиј договор беше спогодбено раскинат по крајот на Светското првенство во Египет.

Translate »