ДОЈРАНСКИ РЕЦЕПТ ЗА МУЛТИПЛИЦИРАЊЕ НА БУЏЕТОТ
Како успеа една од најмалите општини во Р.С. Македонија во време на светска криза повеќекратно да ги зголеми средствата во својата каса.
Ако само 400.000 евра изнесуваше Буџетот на општина Дојран во 2017 година, за оваа 2021 истиот се зголеми шесткратно, односно сега општинската буџет изнесува 2.505.300 евра или 154.076.000 денари, вели градоначалникот на оваа македонска општина од југоистокот, Анго Ангов.
Тајната на ваквиот успех, според него е во доброто менаџирање со ресурсите, зголемениот интерес за инвестирање во Дојран и умешното искористување на фондовите од државата, но и фондовите од Европската Унија.
„Би сакал уште еднаш да напомнам дека Буџетот за 2021 година е со рекорден износ од 2.5 милиони евра, и освен 15% кој е наменет за тековни и оперативни трошоци, останатиот дел од 85% е исклучиво капитален и развоен дел. Тоа значи подобра инфраструктура, подобри услови за локалното население, но и за инвеститорите кои што доаѓаат во Дојран. Доказ за тоа е и големата заинтересираност за продажба на парцели, а со тоа и привлекување на инвеститори од областа на хотелиерството и угостителството.“, објаснува за „Капитал“ градоначалникот Ангов.
Ангов додава дека особено е горд на фактот што според Центарот за економски анализи од Скопје, во 2019 година Општина Дојран е на високото 6-то место на ниво на држава за остварени сопствени приходи по глава на жител, односно 9.327 денари по жител.
„Ако се земе фактот дека Буџетот за 2021 година е рекорден, дефинитивно ќе избиеме на прво место во државата по остварени сопствени приходи по глава на жител.“, вели тој.
Лидери во искористување на европски фондови во државава
Во разговорот со „таткото на градот“, тој ни открива дека кога дошол на функцијата градоначалник, како кандидат на партијата СДСМ, Дојран бил на резервна листа со посебен надзор од Европската Унија, со долг од 150.000 евра. Доколку Дојран ги исплател овие средства еднократно од Буџетот, би следувал крах и колапс на општината. За среќа, вели нашиот соговорник, наишле на слух и разбирање од Владата на Р.С Македонија и по неколкумесечни консултации и договори, дојдено е до заедничко решение.
Средствата биле исплатени и Дојран како општина била повторно конкурентна за да аплицира за средства од европските фондови. Секако, биле мониторирани со особено внимание и претпазливост од страна на Европската Унија.
„Со многу труд и посветена работа, денешната слика е потполно променета. Со ангажирање на надворешни консултанти и нивно несебично залагање за нашата општина, успеавме да инкасираме нешто повеќе од 2.000.000 евра средства од Европската Унија од прекугранични соработки и други ЕУ фондови, со што станавме лидери во добивањето и искористувањето на европски средства во државава.“, истакнува Ангов.
Изминатава година, кога корона кризата го парализираше целиот свет, а за жал истото ѝ го направи и на нашата држава, еден од најпогодените сектори беше туристичкиот. Дојран како туристичка општина летната туристичка сезона ја помина без некоја голема финансиска загуба, велат од Општината. Благодарение на помошта од Владата, односно на ваучерите за туризам и останатите олеснителни мерки кои беа донесени со пакетот за помош на туризмот и угостителството, во Дојран велат дека имале една исклучително добра сезона.
Исто така, само во последните два месеца, државата со директни средства од Буџетот и надлежните министерства и додели на општина Дојран средства од над 1.650.000 евра.
За пречистителната станица која претставува децениски проблем за жителите на Дојран се доделени средства од 15.000.000 денари, односно 250.000 евра за нејзина реконструкција и санација. Со завршување на реконструкцијата Дојран ќе добие станица за отпадни води која ќе ги задоволува сите европски стандарди за квалитет, со што трајно ќе се реши проблемот со отпадните води во општината и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина.
Дополнителни 100.000 евра, средства од Центарот за развој на југоисточниот плански регион, ќе се наменат за уредување на крајбрежјето и завршување на сите претходно започнати активности за тој дел од Дојран.
Природното богатство е врвен приоритет. Токму затоа 70.000.000 денари или околу 1,15 милиони евра се доделени за чистење и ревитализација на Дојранското Езеро.
Чистењето на езерото од тињата и од остатоците од дрва, трска и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период.
Потоа, 11.000.000 денари (180.000 евра) се одвоени за проширување на канализационите мрежи во населените места од општината.
За прв пат после дванаесет години од постоењето на општината, самостојно целосно се заокружи постапката за продажба на градежно земјиште во која по пат на електронско надавање беа продадени сите 14 огласени парцели за викендички во месностите Калдрма и Карач. Објавените градежни парцели, за кои интерес пројавија 150 купувачи, имаат вкупна површина од 8.403 квадратни метри, а при продажбата постигната е просечна цена од 35,7 евра по квадрат што значи дека општина Дојран сопствениот буџет го збогати за 30.000.000 денари или околу 500.000 евра. Обезбедените средства од успешната продажба ќе се искористат за реализација на инфраструктурни проекти кои ги побараа граѓаните на Дојран на претходно спроведената анкета за утврдување на нивните приоритети.
Два прекугранични проекти
Патната инфраструктура останува врвен приоритет во работењето на општината, исто така.
„Свесни сме дека регионалните патишта претставуваат крвоток на нашата општина. Добра локална патна инфраструктура значи задоволни жители, подобар превоз на луѓе, стоки и услуги. Се разбира сето тоа води до повисок и подобар квалитет на животот. Затоа се изврши рехабилитација на регионалниот пат R105 во Општина Дојран, во изведба на ЈП за државни патиштa“, вели градоначалникот Ангов.
Со средствата кои се веќе обезбедени преку проектна единица за изградба на линиски инфраструктурни објекти – патишта во состав на Министерството за транспорт и врски со средства обезбедени од европски фондови ќе се реконструираат улици во населените места – Фурка, Црничани и Николиќ.
Се изврши целосно асфалтирање и проширување на патот кој го поврзува с. Црничани со регионалниот пат R1105, во должина од 1км.
Проектот беше финансиран преку Биро за Регионален развој, со учество на Општина Дојран од 20%.
„Овде треба да споменам дека асфалтирани и бетонирани се улици во сите населени места во должина од 7км и направени се 3км канализациони краци и линии во сите населени места од сопствени средства од Буџетот на општина Дојран.“
Инструментот за претпристапна помош посветува значителен дел од своите ресурси на Прекуграничната соработка, унапредувајќи го одржливиот економски и општествен развој во пограничните области и помагајќи ја соработката за решавање на заедничките предизвици во областите како заштита на животната средина, природното и културното наследство, јавното здравство и спречувањето на и борбата против организираниот криминал. Ние како општина сме високо свесни за важноста од правилното аплицирање и искористување на ИПА фондовите, па затоа во соработка со нашите надворешни консултанти кои се специјализирани за работа токму со Европските фондови, започнавме два прекугранични проекти со Грција во износ од околу еден милиони евра. Проектите се од IPA програмата за животна средина.
Целта на едниот прекуграничен проект со Грција е придонес кон трансформација во регионот кон земјоделство со нула отпад и развој на кружна економија, што ќе води кон рурален развој и создавање на работни места, додека целта на другиот прекуграничен проект со Грција се однесува на заштита на животната средина и промовирање на приспособување и ублажување на климатските промени, превенција и управување со ризици.
Со посветена работа добивме и проект со соседна Р. Бугарија со назив „Оживување на безвременските симболи на Дојран и Невестино“. Целта на овој проект е уредувањето на просторот, реконструкција на градската „Саат Кула“ и турската бања „Амам“ во Стар Дојран и пристапни патеки до овие знаменитости.
Музејот на Првата Светска Војна кој се наоѓа веднаш до Саат кулата во Стар Дојран е изграден како дел од прекуграничниот проект „Претворање на линиите на поделба во точки на спојување“ – проект кој се имплементираше во партнерство со Општина Ќустендил, Р. Бугарија. а со цел збогатување на туристичката понуда на градот Дојран и привлекување на посетители од Англија, Франција и други држави. Овде се поставени вредни историски артефакти кои сведочат за случувањата од фронтовата линија во периодот од 1914 до 1918 година и претставуваат вистинска атракција за љубителите на историјата и проучувачите на настаните од Првата Светска Војна.
Потпроект од ПЛРК: Дојран како туристички бисер
Изминатата година беше извршена реконструкција и преадаптација на три постоечки бараки, односно стари простории на ЈП Комуналец и поранешно Основно училиште во близина на Општинската зграда. По нивна реконструкција овие простории веќе се користат за едукативен информативен центар, канцеларии за мониторинг станица и соби за престој и сместување. Проектот беше финансиран од страна на УНДП и МЖСПП.
Општина Дојран во соработка со УНДП исто така ќе изврши набавка на информативни табли кои ќе бидат поставени на автопатот Е-75, и информативни знаци низ Општина Дојран, кои ќе опфаќаат информации за културно – историските знаменитости на Општина Дојран и за рибниот и животинскиот свет во Дојранското Езеро.
Потпроектот „Дојран туристички бисер на југоисточна Македонија’’ финансиран е од Програмата за Инфраструктурни грантови –ПЛРК (проект за локална и регионална конкурентност), е со вкупен износ: 45.211.704 денари (735.000 евра). Главна цел на проектот е дополнителното зајакнување на развојот на туризмот во Општина Дојран преку следниве планирани активности: Партерно и хортикултурно уредување на Зелена рекреативна зона – Градски парк Дојран, санација на оштетени делови на Отворена летна сцена, асфалтирање на улица до истата и партерно и хортикулурно уредување на истата. Вкупната површина која треба партерно – хортикултурно да се уреди изнесува 36.000м2, со дополнителни содржини кои опфаќаат изградба на летниковци, детски игралишта, игралишта за домашни миленици, и простор за рекреативни друштвени игри. Реализацијата на потпроектот е во тек и истиот ќе придонесе за развој на туристичката понуда и инфраструктурата, обезбедување на пристапност до значајни културно- историски локалитети.
„Секако, заложбите на општината се неспорни, но овде мора да напомнам и дека залагањето на Владата на Р. С. Македонија, доделувањето финансиски средства токму за развој на општина Дојран, заштита на Дојранското Езеро, животната средина и облагородување на Дојран придонесоа нашата мала погранична општина да стане вистински бисер на југот од Северна Македонија. Благодарност до Владата и Премиерот Зоран Заев.“, вели градоначалникот Ангов за крај.
Izvor Kapital.mk