Чешкиот премиер со порака до земјите членки на ЕУ: Протерувајте руски дипломати!

Чешкиот премиер Андреј Бабиш побара од земјите членки на Европската унија на неформалниот самит во Португалија, во знак на солидарност со Чешка да протераат по еден руски дипломат.

„Мораме секогаш да го знаеме тоа дека кога е нападната една земја членка, тоа значи дека се нападнати сите. Побарав сите да ја разгледаат можноста за протерување по еден руски дипломат. Ќе видиме на следниот состанок како ќе се постават сите во врска со тоа“, изјави Бабиш.

Бабиш меѓу другото порача дека од голема важност во дипломатскиот спор помеѓу Прага и Москва да се вклучат и лидерите на Германија и Франција, Ангела Меркел и Емануел Макрон.

Поради аферата околу експлозијата на магацинот со муниција во Чешка во 2014-та година, за која чешките власти открија дека е дело на руската разузнавачка служба „ГРУ“, на 17-ти април чешките власти протераа 18 руски дипломати.

Тоа целосно ја парализираше работата на руската амбасада во Чешка, а официјална Прага ја искористи Виенската конвенција да наложи големата руска амбасада во Прага да се намали на седум дипломати и 25 административци. Тоа значи дека до крајот на оваа година над 60 вработени во руската амбасада мора да ја напуштат Чешка.

НАТО Алијансата и Европската унија изразија солидарност и веднаш ја поддржаа Чешка.

Translate »