Најмногу 1 евро ќе чини квадрат земјоделско земјиште: Сите детали за продажбата на државното земјиште

Цената ја утврдува Владата, а не може да биде пониска од 0,30 евра по метар квадратен ниту повисока од 1 евро по метар квадратен, стои во првичната верзија на Законот за продажба на земјоделско земјиште која е прикачена на ЕНЕР.  Министерството за земјоделство го подготвува и чека коментари на решението, кое уште неизлезено предизвика лавина реакции. Фактор веќе пишуваше дека се планира законот да се донесе до јуни – досега сепак не беше експонирана цената на метар квадратен, факт кој сега стои во одредбите. Професорот Драги Димитриевски прашува дали станува збор за ликвидација или тотална распродажба на земјоделското земјиште

Почетната цена по метар квадратен во постапка по јавен повик се утврдува во евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на објавувањето на јавниот повик во зависност од катастарската класа, и таа изнесува – 1 евро за земјоделско земјиште за I и II класа, 0,50 евра за земјоделско земјиште III и IV катастарска класа и 0,20 евра за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа.

„Доколку земјоделското земјиште се наоѓа над 700 метри надморска височина, почетната цена се намалува за 30 проценти. 

Во законот стои дека сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост не може да стекнат странски физички и правни лица, освен ако со меѓународен договор поинаку не е одредено. Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост може да стекнат државјани на земји членки на Европската унија по истек на седум години од влезот на Република Северна Македонија во Европската унија. 

 Максималната и минималната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да биде предмет на продажба во постапка по јавен оглас се определува како процент од вкупната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост предмет на договорот за закуп.

За продажба на земјиштето ќе се распишува јавен оглас. Инаку о законот стои дека предмет на програмата може да биде максимум 50.000 хектари од слободното земјоделското земјиште во државна сопственост

Професорот Димитриевски вели дека законот треба да се повлече.

Осебно загрижува тоа што се најавува дека ќе се продаваат големи комплекси. Дури Законот предвидува дека во наредните три години ќе се продадат 50 илјади хектари. Се поставуваат повеќе прашања, меѓу кои во последниве денови како да преовладува тоа кои ќе бидат вистинските купувачи. Бидејќи се работи за големи комплекси, тоа неможе да се малите семејни земјоделци кои немаат финансиска моќ да купат големи парцели, туку најверојатно ќе бидат големи компании (засега домашни, но со неколку можности тоа да бидат и странски). Ова значи дека со моментот на продажба тие стануваат сопственици, а сопственоста е гарантирана со уставот и на купувачите ќе им овозможи право да постават целосно владение и ограничувања на територијата на земјиштето. Може да ги ограничат останатите сопственици на земјиште кое се наоќа во нивната околина, веќе да неможат да користат дел од инфраструктурата (пристапни патишта, хидросистеми), и да им  оневозможат пристап. Вакви состојби се веќе видени во други држави, каде се случуваат и многу порадикални состојби, со што во стручно-научната јавност е воведен терминот „грабање на земја“, што особено се радикализира кога земјиштето го земаат странски сопственици. Опасностите се и во начинот на искористувањето на земјиштето, кое често пати овие сопственици поведени само од интересот за профит, го користат без почитување на агроеколошките принципи, го користат за производство на култури кои не се за исхрана, но и го пренаменуваат во искористување за минерални суровини или пак во градежно земјиште со што остваруваат и екстремно високи профити, а трајно се губи земјоделското земјиште, вели Димитриевски. 

Од О2 иницијатива велат дека овој закон не смее да се усвои

„Со овој закон, исто како и со тој сега на сила, земјоделското земјиште после 10 (во сегашниот после 8) години од продажбата може да се продаде, дарува, размени, или пренамени во грдажено земјиште. Но она што е различно, е што со овој нов закон после 10 години земјоделското земјиште ќе може да се даде и под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.

Ова е сценарио со кое ќе бидеме кираџии во сопствена земја, каде нема да може да се има контрола врз производството на храна. Во време на КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ, каде нашата земја ќе биде СИЛНО погодена, веќе сме сведоци на тоа, поради негативното влијание на променливата клима врз земјоделското производство, поради измрзнување, град, поројни поплави, високи температури и суша, Владата планира распродавање на земјоделско земјиште на ангро за џабе, велат од О2 иницијатива.

А.Т.

Фактор.мк

Translate »