Истражување на ИРЛ – Заговор против воздухот: Мазут забранет за употреба во ЕУ се увезувал во Македонија
Истражувачката репортерска лабораторија во соработка со Македонската радио телевизија во документарецот „Заговор против воздухот“ ги разрешува дилемите во врска со загадениот воздух во Македонија.
Постојат неколку различни видови на аерозагадување, вклучувајќи јаглероден моноксид, озон, сулфурен диоксид и азот диоксид, но партикулатните материи (ПМ – честици) се најлоши за здравјето на луѓето. Исто така, го имаат постигнато најлошиот рекорд за надминување на стандардите во Македонија.
Според неодамнешната студија на Финскиот метеоролошки институт и Министерството за животна средина и просторно планирање, главни извори на ПМ2.5-честички се согорувањето на биомаса (т.е. дрвото) за греење на домовите, прашина од депониите, индустријата и сообраќајот. Спротивно на популарното мислење во Скопје, согорувањето на отпад не се смета за главен извор на загадување на воздухот.
Човековата животна средина или е веќе опасно загадена или пак е загрозена од загадување, а овој документарец е посветен на загадувањето на воздухот во главниот град Скопје, но и во останатите градови во Македонија.
Аерозагадувањето делува врз зголемување на бројот на болестите на респираторните органи.
Меѓу индустриите коишто во тој поглед загадуваат најмногу се оние коишто согоруваат течни и цврсти горива, а штетите коишто ги преминуваат границите не треба воопшто да бидат дозволени.
Во документарецот зборува Сашка Цветковска, уредник во истражувањето, која вели дека ако пиете нечиста вода, ако дишете загаден воздух тогаш тоа е последица на корупција и организиран криминал.
Инаку, Скопје подолго време е на врвот на листите според загаденост на воздухот, а проблемот не е од вчера, велат активистите, додека пак Државниот инспекторат вели дека нема информации за тоа кој го загадува воздухот во Скопје, односно немаат доволно податоци за да бидат прецизни во нивниот одговор.
Истражувањето на организираниот криминал и корупција поврзани со животната средина се комплексни теми, а Сашка вели дека никогаш не помислувале дека ќе работат со тоа, но потоа се случило нешто „чудно“, односно се појавиле видеата кои беа достапни за македонската јавност.
Видеата биле застрашувачки, а првото било од болницата во Чаир каде што се гледа како излегува густ црн чад (најверојатно од користење на мазут).
Седум болници низ Македонија го користеле истиот мазут за греење од каде што излегувале истите црни облаци чад кои ја загадуваат животната средина.
Државните институции треба сериозно да се позанимаваат со мазутот којшто се увезува во државава.
7-те болници коишто го увезувале мазутот имале ист добавувач фирмата – „Евротим“ од Кичево.
Луѓето кои го истражувале случајот велат дека веднаш на интернет ја пребарале фирмата, а за истата не можеле да пронајдат ништо односно никакви дополнителни информации, додека пак сопственик на фирмата е Гоце Стефаноски од Кичево.
Но, седумте болници не биле единствените кои биле снабдувани од тој мазут, тука биле вклучении Мекедонските железници и ЈСП Скопје, а најголем државен клиент било Министерството за одбрана со два договори вредни околу 56 милиони денари. На сите договори со останатите институции бил потпишан Гоце Стефаноски, меѓутоа на двата договори се појавило ново име – Илија Стрезоски.
Илија Стрезоски имал фирма со тргување на нафтени деривати, но на фирмата ѝ била одземена лиценцата за работа поради незаконско работење, неколку години пред отворање на „Евротим“.
Инаку, Гоце Стефановски бил зет за ќерка на Илија Стрезоски.
„Евротим“ мазутот го добавувала од фирма од Босна, а во 2018 година почнало партнерството на „Hifa Oil“ и „Евротим“.
Во Србија маслото на „Hifa Oil“ го сметале за отпад… Инаку, мазутот којшто се увезувал во Македонија во ЕУ е деклариран како „опасно масло“ со сериозни последици по животот и здравјето. Тој може да се користи само на бродови на отворено море и големи индустриски капацитети како термоелектрани, додека пак на царина го запишувале како „масло за горење“.
Погледнете го целиот документарец: