Пакомак избира Најеколошка општина за 2020 година

Компанијата за собирање и управување со амбалажен отпад, Пакомак, во соработка со Шпаркасе банка, а во организација на Балкан Еко Институт, организира конкурс за избор на најеколошка општина за 2020 година. Пријавувањето за конкурсот е веќе започнато, а општините можат да ја испратат нивната апликација на веб страната на Пакомак.

Право на учество во конкурсот за Најеколошка општина имаат сите општини во земјава (урбани и рурални) кои ќе ја приложат еколошко-општествена работа реализирана во текот на изминатата 2020 година. Општините што сакаат да ја понесат титулата Најеколошка општина можат да се пријават со пополнување на апликацијата која e објавена на веб-страницата www.pakomak.com.mk.

Финалниот избор за Најеколошка општина ќе биде направен според успешноста во реализацијата на претходно одредените критериуми кои ги пропиша Пакомак. Тие се:

КРИТЕРИУМ 1

  • Количини на собран селектиран отпад од пакување, од домаќинствата, деловните субјекти и училиштата. Во предвид се зема секој отпад што претставува секундарна суровина  (пластика, хартија, стакло, лименки, метал, електронски и електричен отпад….).
  • Број на нови контејнери за селекција на отпад поставени на јавните површини, во општината одделно за период 01-12.2020 год. и дополнително број на контејнери за селекција на отпад поставени на јавните површини пред овој период
  • Број на еко-кафулиња и ресторани во општината кои селектираат стаклена амбалажа како отпад од пакување и количините на собрана стаклена амбалажа како отпад од пакување од истите објекти.

КРИТЕРИУМ 2

  • Висина на средства во општинскиот буџет, предвидени за екологија за 2020 год. и висината на средства потрошени на проекти од животна средина од општинскиот буџет.
  • Реализираните еколошки проекти во тековната година поврзани со отпадот и неговиот третман во вашата општина.
  • Реализирани еколошки проекти во тековната година во сите други области, заштита на водите, воздухот и почвата.
  • Реализирани проекти врзани со енергетска ефикасност и ублажување на климатските промени, поставување еко фасади и соларни панели на јавни објекти и висина на доделени субвенции со цел намалување на загадувањето на воздухот.
  • Број на новозасадени дрвја во општината
  • Уредени зелени површини во општината

КРИТЕРИУМ 3

  • Јавни кампањи кои ги спроведува општината за зајакнување на јавната свест за значењето на селекцијата на отпадот и други прашања од заштитата на животната средина.
  • Еколошки акции за чистење на диви депонии во општината во тековната година.
  • Редовни инспекциски контроли и исполнување на потребните  услови за работа на големите загадувачи на територијата на општината.

Општината која по гласањето на жири-комисијата ќе биде избрана како Најеколошка општина за 2020 година, Пакомак ќе ја награди со изградба на детско игралиште направено од еколошки материјали.

Рокот за испраќање на пријава за учество е до 31 август 2021. Пријавата треба да се достави во електронска форма на е-адреса: i.brdaroski@pakomak.com.mk.

Translate »