Милановиќ пак ја нервира Бугарија: Ако имаш внатрешен проблем, шутни ја Македонија!
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, повторно ѝ го крена притисокот на официјална Софија, нарекувајќи ја Македонија „жртва на Бугарија“, која, според него, навикнала да го третира Скопје како некој за шутирање отстрана, а тоа, вели тој, не е в ред.
– Македонија навикнаа да ја третираат како „side kick“, некој што го шутираш отстрана и ако имаш некој внатрешнополитички проблем што не можеш да го решиш, тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е в ред – одговори Милановиќ на прашање на новинар, додавајќи дека „таа држава и тој народ досега платија прилично висока цена“.
Македонците, додаде тој, играат многу примерно и според правилата, ги исполнија сите демократски правила што можете да ги замислите.
– Се покорија на грчките барања пред името Македонија да стават Северна. Конечно ги примија во друштвото на мртви поети и сега овој услов, кој навистина е влегување во интимен простор. Тоа не се прави во 21 век. Тоа апсолутно не е основа за утрешен соживот во Европската Унија. За некои работи треба јавно да се проговори. Македонија тука е жртва – додаде шефот на хрватската држава.
Според него, Македонија е „жртва на недостиг од интерес, па, ако сакате, и на елементарна емпатија“.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера ја повика на разговор амбасадорката на Хрватска во Софија и побара од неа објаснување за изјавата на Милановиќ на самитот „Брдо-Бриони“ дека „тоа што ѝ го прави Бугарија на Македонија е влегување во интимен простор“ и оти тој отворено ќе се спротивстави на тоа.