ЛАНСИРАН НОВ ПАН-ИНДУСТРИСКИ ПРОЕКТ ЗА ЕКО-РЕЈТИНГ НА МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ

  • Дојче Телеком, Оранж, Телефоника, ТелијаКомпани и Водафон претставија нови ознаки за корисниците за идентификација на поодржливи мобилни телефони
  • Еко-рејтингот ќе започне ширум Европа од јуни 2021 година и ќе вклучува телефони од 12 продавачи

25 мај 2021 Пет водечки мобилни оператори во Европа ги здружија силите за да лансираат нов пан-индустриски проект за означување Еко-рејтинг, којшто ќе им помогне на корисниците да ги идентификуваат и да ги споредуваат најодржливите мобилни телефони и да ги поттикнат добавувачите да го намалат влијанието на уредите врз животната средина.

Иницијативата за Еко-рејтинг е заеднички создадена од Дојче Телеком, Оранж, Телефоника (коишто работат под брендовите О2 и Мовистар), Телија Компани и Водафон за да обезбедат конзистентни, точни информации за малопродажба, коишто се однесуваат на влијанието врз животната средина при производство, употреба, транспорт и отстранување паметни и класични мобилни телефони. Еко-рејтингот ќе им овозможи на операторите и нивните корисници да поттикнат повисок рејтинг на телефони и да ја демонстрираат побарувачката за поодржливи електронски уреди.

Засега иницијативата за Еко-рејтинг ќе направи процена на нови телефони за широка потрошувачка од 12 брендови на мобилни телефони, при што во иднина се очекува да бидат објавени и други. Партнери за воведувањето се: Bullitt Group – Центар за издржливи телефони на CAT и Motorola, Doro, HMD Global – Центар за Nokia телефони, Huawei, MobiWire, Motorola Lenovo, OnePlus, OPPO, Samsung Electronics, TCL/Alcatel, Xiaomi и ZTE.​

Почнувајќи од јуни 2021 година, мобилните оператори ќе започнат да воведуваат посебна ознака за еко-рејтинг во 24 земји1 од Европа во кои имаат свои продажни места. Корисниците можат да прочитаат повеќе за иницијативата и да дознаат како се пресметува рејтингот на веб-страницата: www.ecoratingdevices.com.

Откако ќе се изврши детална процена, на секој мобилен телефон ќе му се даде оцена за еко-рејтинг од најмногу 100 бодови, којашто ќе ги сигнализира еколошките перформанси на уредот. Ознаката за еко-рејтинг, исто така, ќе истакне пет клучни аспекти за одржливоста на мобилниот уред, обезбедувајќи дополнителни информации за: издржливоста, поправливоста, способноста за рециклирање, климатската ефикасност и ефикасноста на ресурсите.

Главните извршни директори на петте мобилни оператори – Тим Хетгес (Дојче Телеком), Стефан Ришар (Оранж), Хозе Марија Алварез-Пајете (Телефоника), Алисон Киркби (Телија Компани) и Ник Рид (Водафон Груп) – заеднички го поздравија започнувањето на иницијативата за еко-рејтинг:

„Градењето поодржлива иднина е наша заедничка одговорност, затоа веруваме дека е вистинско време да се постави усогласен проект за еко-рејтинг на ниво на целата индустрија, којшто ќе ја подобри транспарентноста и ќе помогне да се подигне свеста за влијанието врз животната средина на телефоните коишто ги избираат нашите корисници“.

„Со нетрпение очекуваме на иницијативата за еко-рејтинг во иднина да и се приклучат повеќе производители и телекомуникациски оператори и се надеваме дека тоа ќе ја инспирира целата индустрија да ја забрза својата транзиција кон поциркуларен модел за мобилни телефони“.

Методологија за еко-рејтинг

Користејќи информации доставени од производителите на уредите, еко-рејтингот применува конзистентна методологија за оценување со 19 различни критериуми, што на крајот резултира со конечна оцена за секој уред. Покрај тоа, еко-рејтингот дава насоки во пет клучни области:

  • Издржливост – Цврстината на уредот, траењето на батеријата и гарантниот период за уредот и неговите компоненти.
  • Поправливост: Ја опфаќа леснотијата со која уредот може да се поправи, вклучувајќи го и дизајнот на мобилниот телефон и активностите за поддршка коишто можат да го зголемат траењето на производот преку подобрување на потенцијалот за поправливост, повеќекратна употреба и надградување. Повисоката оцена покажува до кој степен се поддржани овие аспекти.
  • Способност за рециклирање – Колку добро компонентите на уредот можат да се обноват и расклопат, доставените информации коишто тоа го овозможуваат и колку добро материјалите можат да се рециклираат.
  • Климатска ефикасност – Емисии на стакленички гасови на уредот. Колку е повисока оцената, толку е помало влијанието врз климата.
  • Ефикасност на ресурсите: Го проценува влијанието предизвикано од количината на дефицитарни суровини коишто се потребни за уредот (на пр. злато за производство на електронски компоненти) во однос на исцрпувањето на ресурсите; колку е повисока оцената, толку е помало влијанието кон достапноста на материјалите.

Методологијата за еко-рејтинг се базира на знаење во индустријата и најдобри практики собрани преку претходни иницијативи за означување на влијанието врз животната средина.  Развиена е со техничка поддршка и надзор од ИХОБЕ (агенција во јавна сопственост којашто специјализира во економски развој, одржливост и животна средина) и со учество на добавувачи на уреди, користејќи ги најновите стандарди и упатства од Европската унија, ИТУ-Т, ЕТСИ и ИСО, како и нови параметри онаму каде што е соодветно.

Translate »