Пендаровски и Радев оптимисти по средбата на скопскиот аеродром: Има заедничка волја за развој на односите
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега, претседателот Румен Радев напладне одржаа кратка средба на скопскиот аеродром, од каде што со бугарскиот државен заеднички авион ќе патуваат во Рим, за заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј.
Во кратките изјави по средбата, Пендаровски рече дека нема исход од таа средба, оти станувало збор за пријателска кафе пауза, на која разговарале за тоа што се случувало во Брисел последниве два-три денови.
Тој нагласи дека оперативните разговори меѓу двете држави ги водат Владите, а тие како претседатели се тука доколку можат да ја релаксираат атмосферата, која во „изминатава година беше со еден друг јазик“.
„Мислам дека е потребно да направиме обнова на довербата и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања кои во моментов нè разделуваат. Јас се надевам дека наскоро ќе нè зближуваат“, истакна кратко Пендаровски.
Претседателот на Бугарија Радев порача дека ова е можност да се обнови дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво, нагласувајќи дека има заедничка волја за развој на односите.„Сакам да се заблагодарам на мојот колега и пријател, претседателот на Република Северна Македонија за гостопримството, макар и за сосема кратка посета и да споделам дека заедничкото патување во Рим за оддавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го продолжиме дијалогот меѓу нашите две земји на највисоко ниво и да ја објавиме нашата заедничка волја за развој на нашите односи во соработка и пријателство“, порача Радев.Инаку, за денеска е предвиден средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.Утре шефот на државата ќе има аудиенција кај папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, претседателот Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил.Во попладневните часови, претседателот Пендаровски, заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.Во состав на државно-црковната делегација, што ја предводи претседателот Пендаровски, се министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, Негово Високопреосвештенство, митрополит европски, г. Пимен, и отец Зоран Стојанов, парох во Радово и Декан на Деканатот на Св. Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија.