Со поскапувањето на продуктите ќе расте бројот на сиромашни
Загрижени сме дека бранот поскапувања на прехрамбени и други продукти може да доведе до зголемување на бројот на сиромашни луѓе, рече денеска во Утрински брифинг претседателката на Националната платформа против сиромаштија, Билјана Дуковска.
-Во делот на секојдневните трошоци голем дел од граѓаните се сериозно засегнати од поскапувањето на храната, со оглед на висината на приходите кои семејствата ги имаат. Овој заклучок произлегува од синдикалната кошница која за февруари изнесува 33.000 денари. Во оваа сума со 40 проценти учествуваат храната и пијалоците, односно најосновното, односно што би рекол нашиот народ „да се има за леб“. Останатите 30 проценти се за комунални трошоци, односно за плаќање сметки. Загрижувачки е зголемувањето на цените, но морам да напоменам дека тоа нема да се рефлектира врз целото население, туку само на оние кои ги бројат парите пред да отидат на пазарење.Дебатата ќе биде околу тоа дали 30 денари на некого му значат или не, вели Дуковска.
Таа нагласува дека најтешко во следните месеци ќе им биде на оние кои работат сезонски, на договори без постојано вработување, како и на многудетните семејства.
-Пандемијата не научи на солидарност и тоа на најтешкиот начин. И ние како национална платформа против сиромаштија, како и многу други граѓански организации веднаш делуваме на повиците за помош, најчесто преку донации. Ние сме национална платформа формирана да влијаеме на регулативата и нашите членки се организации коишто работат во целата држава. Сите тие средствата за функционирање ги пренаменија за храна, средства за хигиена и таблет компјутери за најсиромашните ученици. Исто така сме директно поврзани со Стратегијата за намалување на сиромаштијата. За да се реши проблемот со сиромаштијата треба да се делува на многу полиња истовремено, на политиката за домување, социјалната и здравствената заштита и токму тоа е фокусот на кој работиме во 2021 и 2022 година, објаснува Дуковска.