Руски стратешки бомбардери слетаа во Сирија: Најава на долгорочен сојуз помеѓу Москва и Дамаск?
Руски бомбардери од типот „Туполев Ту-22М3“ вчера за првпат слетаа во воздушната база Хмејмим во Сирија.
Бомбардерите пристигнаа во периодот на проширување на воената база каде што се работи на продолжување на втората писта. Бомбардерот „Туполев Ту-22М3“ руската војска веќе го користеше во неколку мисии во Сирија.
Бомбардерот учествуваше во неколку мисии во кои беа уништени бази на милитантите, но досега полетуваше и се враќаше во Русија после завршената мисија. Овојпат, авионот за првпат слета во руската воена база на територијата на Сирија.
Проширувањето на руската воена база Хмејмим сугерира дека Русија очигледно размислува долгорочно кога станува збор за Сирија и веројатно за проширување на блиската соработка помеѓу Москва и Дамаск после веќе 10 години војна во Сирија.
Од руското министерство за одбрана соопштија дека вкупно трите пристигнати бомбардери ќе учествуваат во воени вежби над Медитеранот, а потоа ќе се вратат во своите руски бази.