Бугарски државјани нападнати во Хрватска: „Бугарија ја уценува несреќната Македонија“

Бугарската амбасадорка во Хрватска, Генка Весилева Георгиева, вели дека по изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Брдо кај Краљ, во хрватската престолнина се случиле три инциденти со бугарски државјани.

Полицијата истражува два случаи, а третиот бил решен со интервенција на бугарската амбасада.

Според извештаите на Весилева Георгиева, мета на напад била постара дама, државјанка на Бугарија, која била нападната од таксист. Наводно, таа влегла во такси, а таксистот откако дознал дека е Бугарка и рекол: “Вие, Бугари со валканата политика кон Македонија, доаѓате да живеете тука во нашата прекрасна Хрватска”.

Кога завршило возењето, таа побарала од таксистот да и помогне со тешката торба од багажникот, а тој грубо ја фрлил на подот, по што ја турнал и жената.

Во вториот случај, бугарска државјанка пријавила дека предмети биле фрлени кон нејзиниот сопруг на пазар. На инцидентот претходела дискусија за потеклото на стоката, по што дошло до прашање и за потеклото на купците. Продавачот го навредувал бугарскиот државјанин бидејќи, како што се наведува во извештајот, “Бугарија ја уценува несреќната Македонија”, а потоа и фрлил со предмет кон него.

Во трет случај, на син на бугарски државјанин му бил забранет пристап до градинка во Загреб. По сомнежите за дискриминација на деца, интервенирала бугарската амбасада па случајот бил решен, пишува “Jutarnji”.

И премиерот и претседателот на Хрватска во конфликт поради Македонија

Претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ продолжиле со вербалниот конфликт кој трае неколку месеци, овој пат поради Македонија, односно критиките на Милановиќ кон бугарската политика кон Македонија.

Пленковиќ го нарекол Милановиќ „поттикнувач и измамник“, а Милановиќ изјавил дека премиерот „шета наоколу и тресе глупости како последна баба на пазар“.

Потсетуваме, контроверзиите биле предизвикани од неодамнешната изјава на Милановиќ по состанокот на Брдо кај Крањ во Словенија, дека Македонија е во невозможна позиција затоа што земја-членка на ЕУ влегува во нејзиниот „интимен простор“, со барањето во учебниците по историја „да ја дефинира својата национална генеза како што бара соседната земја“.

Translate »