Пад на акциите на „Кока-кола“ по потегот на португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо

Акциите на компанијата за пијалоци „Кока-кола“ паднаа значително по потегот на португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, кој на прес-конференција на Европското првенство во фудбал отстрани од видик две шишиња со најпознатиот пијалок на оваа компанија и порача дека треба да се пие вода.

За време на прес-конференцијата во пресрет на мечот помеѓу Унгарија и Португалија, фудбалската ѕвезда посегна по две стаклени шишиња со „Кока-кола“ и ги премести, по што во раката зема шише со вода. „Кока-кола“ е еден од главните спонзори на ЕУРО 2020.

Ваквиот потег на капитенот на португалската репрезентација претставуваше удар за акциите на компанијата – вредноста на „Кока-кола“ падна за неверојатни 4 милијарди евра.

Цената на акциите на оваа компанија во понеделникот изнесуваше 56,1 долар. До крајот на прес-конференцијата тие паднаа за 1,6 отсто и вредеа 55,2 долари. Со тоа, вкупната пазарна вредност на компанијата „Кока-кола“ од 242 падна на 238 милијарди долари.

Од „Кока-кола“ на потегот на фудбалерот одговорија дека „секој има право да избере каков пијалак сака“ и дека секој има различни „вкусови и потреби“.

Кристијано Роналдо е познат по промовирањето на здрав начин на живот. Тој следи строг режим на исхрана и избегнува храна со шеќер. Сепак, пред 15 години Роналдо се појави во реклама за „Кока-кола“ пијалок заедно со уште неколку други фудбалери.

Translate »