Нови правила за влез и излез од државата
Од денеска на сила се новите правила при влез и излез од Македонија, поради спречување на ширење на коронавирусот.
Така домашните и странски државјани за влез и излез од територијата треба да приложат некој од следните документи: сертификат за извршена имунизација односно примени две дози на вакцина, сертификат за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или негативен тест направен 72 часа пред излез или влез на територијата на Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез или влез во државата.
Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР-тест, или потврди за примена вакцина или за прележан Ковид-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР-тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.
Владата денеска донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.